НА ВЕЛИГДЕНСКИОТ БАЗАР ВО ВЕЛЕС ИМА САМО ЖЕНИ РАКОТВОРЦИ, МАЖИТЕ СЕ СРАМАТ ДА СЕ ПРИЈАВАТ

    НА ВЕЛИГДЕНСКИОТ БАЗАР ВО ВЕЛЕС ИМА САМО ЖЕНИ РАКОТВОРЦИ, МАЖИТЕ СЕ СРАМАТ ДА СЕ ПРИЈАВАТСите што изложуваат се жени. Иако има и мажи кои изработуваат ракотворби, тие немаат храброст да се пријават. (Фото: СДК.МК)

    Во Младинскиот парк во Велес поставени се десетина тезги со рачни изработки од различни материјали, кои се дел од содржините на Велигденскиот базар. Тој е на оваа локација десетина дена.

    „Купувајќи ракотворби ги поддржуваме локалните ракотворци и нивните вредни раце кои изработуваат  уникатни предмети“, велат од локалната власт која е организатор на базарот.

    „Предметите ги изработувам со голем мерак, со голема желба. Започнав со изработка на предмети од конец, волна за моето внуче. Имаше интерес за таа моја изработка, тоа беше кученце, и продолжив активно да се бавам. Потребни ми се час, час и половина за помалите изработки и повеќе за поголемите. Куклите ги работам по една седмица. Ги работам на делови, па ги составувам“, кажа Лидија Стојанова.

    За изминатите денови додека беа изложени ракотворбите, велешани покажаа голем интерес.

    „Ова го работам 15 години, изработувам накит од монисто. За оваа пригода и велигденски волшепства. Базарот е вистински погодок за Велес оти му е потребен, а и на нас ракотворците да покажеме што изработуваме и на граѓаните кои може да набават декорации, предмети, накит кои им е потребен“, ни рече Софија Лепојевиќ.

    Учесничките се задоволни од базарот, бидејќи излегоа пред јавноста, која може да ги запознае, да види што изработуваат. (Фото: СДК.МК)

    „Една година се занимавам со изработка на кукли. Бевме четири деца и како дете немав можност да имам кукла и затоа сега ги работам. Првата ја добив на седум-осум години и ја чував, не си играв со неа. Куклата ми е драг спомен од детството и тоа ме инспирира да ја изработувам“, вели Родна Тасевска.

    Имаше Новогодишен базар, па за 8 Март и сега за Велигден. Со секоја нова пригода, бројот на учеснички се зголемува. Сите што изложуваат се жени. Иако има и мажи кои изработуваат ракотворби, тие немаат храброст да се пријават.

    „Ова мое хоби беше одамна, но со професијата со која се бавев немав можност многу да се посветам. Сега откако сум во пензија, тоа ме исполнува, слободното време кое го имам сега е пополнето“, кажа Марина Бојаџиева, која целиот работен век го има како секратарка на сите велешки градоначалници. Таа изработува предмети од гипс, декорирани со различни други материјали.

    Базарот го организира локалната власт. (Фото: СДК.МК)

    На 26 април им се придружија учениците од училиштата и децата од градинките со нивните изработки.

    „Учениците работеа на слободна тема, беа изработени различни изработки. На вакви настани ученците можат да го искажат својот талент, да се афирмираат. Но можат да го видат повратниот одговор од граѓаните, како тие работат, колку се успешни и да се подобруват во нивната работа“, кажа Жанет Јанев-Сарагиновски од гимназијата „Кочо Рацин“.

    „Изработките се на децата во соработка со нивните родители. Тоа се најразлични експонати, пригодни за велигденските празници. Има зајачиња, кошнички, кокошки, венчиња, кои се дело на имагинацијата на децата, изработени од различен материјал. Тие имаа период од десетина дена да ги изработат овие ракотворби“, рече Катерина Вујиновиќ  од  градинката „Димче Мирчев“.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира