СЛАВНИОТ ФРАНЦУСКИ КОРЕОГРАФ МЕРЗУКИ ПО ВТОРПАТ НА ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ, ДОАЃА СО МИКС ОД НАЈДОБРИТЕ ДЕЛА

    СЛАВНИОТ ФРАНЦУСКИ КОРЕОГРАФ МЕРЗУКИ ПО ВТОРПАТ НА ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ, ДОАЃА СО МИКС ОД НАЈДОБРИТЕ ДЕЛАУметничкиот преплет насловен „Мозаик“ ги содржи најдобрите дела од репертоарот на Мерзуки.

    Француската театарска група „Кафиг“ со танцовиот перформанс „Мозаик“ на Мурад Мерзуки, еден од најзначајните светски кореографи, на 17 мај доаѓа во Скопје за затворањето на 20. Танц фест. Претставата ќе се изведе од 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ), а гостувањето е дел и од прославата на 50 години постоење на Францускиот институт во Скопје.

    Мерзуки важи еден од најзначајните кореографи со светско реноме, а француската влада му ја довери кореографијата на официјалната церемонија на отворањето на Олимписките игри 2024 во јули, насловена „Танцот на игрите“.

    Мерзуки во Скопје доаѓа после 7 години, откако во април 2017 го отвори 13. издание на Танц фест Скопје, со спектакуларната претстава „Пиксел“.

    „Во текот на изминатите триесетина години, Мурад Мерзуки вистински придонесе кон развојот на хип-хопот и го зацврсти местото на овој танц во светот на современата кореографија. Низ бокс, циркуски точки, класична музика и воздушни танци, патувајќи од една креација кон друга, публиката е принесена во нов универзум, кој сам по себе е единствен, поетски и визуелен. Секоја танцова точка е производ на навидум неочекувани танцови средби. Секој на свој начин се движи по патеките, ги заобиколува клишеата, ги надминува естетските граници и ги открива новите перспективни на хип-хопот“, велат од Францускиот институт.

    Во 2022 , откако го завршил мандатот на раководител на Националниот кореографски центар во Кретеј и Вал-де-Марн, Мерзуки предлага танцов приказ на неговата уметничка кариера, поканувајќи триесетина танчери од групата „Кафиг“ за да изведат извадоци од неговите танцови претстави, кои на ваков начин слеани во едно дело, и кои за првпат ќе бидат изведени на сцена.

    „Уметничкиот преплет, насловен ‘Мозаик’, во суштина ги содржи најдобрите дела од неговиот репертоар, а во истиот Мерзуки се појавува како како творец-алхемичар. Всушност, тој поведен од желбата ште повеќе да ѝ се доближи на публиката, го постави овој единствен танчерски перформанс. Со петмина танчари на сцена, ова кореографско ‚универзално’ парче е ‘дизајнирано’ да му се прилагоди на каков било тип сцена, како на затворено, така и на отворено, но и да се изведува во простории кои не се исклучително танцови сали“, додаваат од Францускиот институт.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира