Руските проектили и дронови погодија десетина објекти на клучната украинска инфраструктура во денешниот голем воздушен напад, при што е предизвикана сериозна штета на три термоцентрали од советско време.
Украинските воздушни сили кажаа дека собориле 39 од 55 испукани проектили, како и 20 од 21 дрон употребени во нападот.
„Уште еден огромен напад врз нашиот енергетски систем. Мета беа електрични централи во шест региони“, изјави министерот за енергетика Герман Галушченко.
Министерот за внатрешни работи Ихор Клименко изјави дека има неколкумина повредени.
„Околу 350 спасувачи се обидуваат да ја минимизираат штетата предизвикана на повеќе енергетски објекти, 30 домови и јавен превоз“, кажа Клименко.
Русија од март ги засили нападите врз украинската енергетска инфраструктура. Со исклучок на Запорожје, сите гаѓани региони во денешниот напад се далеку од фронтот.