НЕ БИВА МАТИЧНО ВО ЛИКОВЕН САЛОН, ДИРЕКТОРОТ НА ВЕЛЕШКИОТ МУЗЕЈ ПОБАРА ДА СЕ СМЕНИ ОДЛУКАТА НА ОПШТИНАТА СТАРА 20 ГОДИНИ

    НЕ БИВА МАТИЧНО ВО ЛИКОВЕН САЛОН, ДИРЕКТОРОТ НА ВЕЛЕШКИОТ МУЗЕЈ ПОБАРА ДА СЕ СМЕНИ ОДЛУКАТА НА ОПШТИНАТА СТАРА 20 ГОДИНИДваесетина години брачните парови од Велес и Велешко склучуваат брак во просторија каде се поставени ликовни експонати, слики, скулптури. (Фото: СДК.МК)

    Венчална сала во Ликовен салон не бива, им рече директорот на велешкиот Народен музеј Ангел Коруновски  на членовите на Советот на Општина Велес. Дваесетина години, свечениот момент за брачните парови од Велес и Велешко се случува во просторија каде се поставени ликовни експонати, слики, скулптури.

    Директорот Коруновски побара од членовите на Советот на Општина Велес да овозможат Ликовниот салон да биде место за уметност.

    „Ликовниот салон не е дел од Народниот музеј. Даден е на користење во период кога Музејот имал 20 и повеќе вработени. Тоа со задача да се знае кој, кога и како ќе го користи. Ликовниот салон повеќе личи да го работи Центар за култура, кој ние го немаме. Колегите од Музејот претходно ја прифатиле одговорноста да раководат со него, но не можеме да интервенираме ако нешто се расипе, скрши. Јас како уметник се срамам Ликовен салон да биде матично. Никаде во светот тоа го нема, единствено во Велес. Фали уште оро да се заврти во него. За да донесеме реномиран македонски уметник, треба да исполниме повеќе услови, а не исполнуваме ниту еден, но со разбирање на авторите ги поставуваме делата. Секаде во светот браковите се склопуваат во зградата на Општината или во општински објект, никаде во Ликовен салон“, кажа Коруновски кој е вајар.

    Директорот побара од членовите на Советот на Општина Велес да овозможат Ликовниот салон да биде место за уметност. (Фото: СДК.МК)

    Во Ликовниот салон за потребите на промоции имаше и уште има клавир, некогаш беа и два. Но често се бараше помош од клавир штимерот од музичкото училиште „Стефан Гајдов“, оти се случувало гостите на венчавките да засвират и тој често беше раштиман. На сето тоа, не може да се донесе и значајна ликовна изложба во просторијата, оти нема безбедност дека делата нема да бидат оштетени од љубопитните сватови.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира