Првиот примател на генетски модифицирани свински бубрег почина речиси два месеца откако му беше извршена трансплантацијата, соопштија неговото семејство и болницата што ја изврши операцијата. Ричард „Рик“ Слејман имаше трансплантација во Општата болница во Масачусетс во март, на 62-годишна возраст. Хирурзите рекоа дека веруваат оти свинскиот бубрег ќе трае најмалку две години. Тимот за трансплантација во Општата болница во Масачусетс рече дека немаат никакви индикации оти тој починал како резултат на трансплантацијата.
Слејман беше првиот жив човек кому му беше извршена ваква трансплантација. Претходно, свински бубрези беа привремено трансплантирани на дарители со мозочна смрт. На двајца мажи им беше пресадено срце од свињи, иако и двајцата умреа за неколку месеци. Слејман имаше трансплантација на бубрег во болницата во 2018, но лани мораше да се врати на дијализа кога се покажа дека пресадувањето е неуспешно. Кога се појавија компликации на дијализата кои бараа чести процедури, неговите лекари предложија трансплантација на бубрег од свиња.
Во соопштението, семејството на Слејман им се заблагодари на неговите лекари.
„Нивните огромни напори да ја водат ксенотрансплантацијата му дадоа на нашето семејство уште седум недели со Рик, а нашите спомени создадени за тоа време ќе останат во нашите умови и срца“, се вели во соопштението. Тие рекоа дека Слејман бил подложен на операција делумно за да обезбеди надеж за илјадници луѓе на кои им е потребна трансплантација за да преживеат. „Рик ја постигна таа цел и неговата надеж и оптимизам ќе траат засекогаш“, се вели во соопштението.
Ксенотрансплантација значи лекување на човечки пациенти со клетки, ткива или органи од животни. Таквите третани долго долго време не успеваа бидејќи човечкиот имунолошки систем веднаш го уништува туѓото животинско ткиво. Неодамнешните обиди вклучија свињи кои се модифицирани така што нивните органи се повеќе слични на луѓето. Повеќе од 100.000 луѓе се на националната листа на чекање за трансплантација во САД, повеќето од нив бубрежни болни, а илјадници умираат секоја година пред да дојдат на ред.