Сто и педесет дела, од кои 141 слики и цртежи и 9 објекти, содржи изложбата „Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“ на Мирослав Масин, еден од најзначајните македонски современи ликовни уметници, која се отвора утревечер, во 20 часот Даут пашин амам. Изложбата ја организира Националната галерија на Македонија, (НГМ), а кураторка е Маја Чанкуловска.
Масин денешната прес-конференција ја почна со благодарност кон новинарите што дошле, а настанот не е врзан со политика.
„Во еден од каталозите и во најновиот каталог има знак забрането е за политика. Тоа го има и кај мене во ателје. И за фудбал е забрането да се зборува, зашто тука многу кавги настануваат (ха, ха). Васил Василев ми предаваше ликовно во Корчагин, појма немав дека ќе се занимавам со сликарство, нѐ тераше да одиме на изложби и после како доказ дека сме биле да му го приложиме влезницата. После, кога се запишав на Факултет за ликовни уметности одевме кај постарите колеги, кои ни беа професори. И си викавме со Пепи Урошевиќ, кога и ние ќе правиме вака? Ете дојде и нашето време“, рече Масин.
Шеесет и едногодишниот уметник, познат скопски боем, вели дека сликањето нему лично му е и работа и хоби, тоа и други го кажале, дека кога ќе споиш хоби и работа, тоа е прекрасно чувство.
„Не го сфаќам толку сериозно колку вие што мислите дека е сериозно. Кога си млад учиш, да научиш нешто, да се откриеш сам себе. На светот има 8 милијарди луѓе, но нема две исти личности. Дур се откриеш самиот себеси тогаш можеш да се наречеш уметник. Јас уште не се нарекувам уметник, треба да помине барем век, два, за историјата да проџвака да се види дали сум уметник“, кажа тој.
Во својата 40-годишна кариереа нема еден ден работен стаж, живее од уметноста.
„Нормално од почеток беше тешко, кога си млад никој не те знае, никој не те есапи, али ете, издржав. Сега уживам во тешкотијата“, рече Масин.
Чанкуловска и директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими се шегуваа дека во еден момент помислиле да отворат анекс на Даут пашин амам за може да ги собере сите дела кои ги донел Масин за оваа изложба.
Б. НЕСТОРОСКА