Граѓански активисти и средношколци предводени од еколошкото друштво „Планетум“ од Струмица лани уредија 12 мини јавни површини во градот и населените места, но за неколку месеци тие или се уништени или заборавени. Само засеаните зимзелени дрвца на неколку места и уништените декоративните елементи сведочат дека имало иницијатива за облагородување на малите јавни површини со зеленило пред стамбените комплекси во рамките на Зелената граѓанска акција. Освен пред зградите се уредуваа локации и пред јавни институции. Се садеа дрвца, цвеќиња, се поставуваа клупи за одмор од рециклиран отпаден матријал, се монтираа лулашки. Но поради негрижата и вандалското однесување на поединци, пропадна идејата на екологистите за колективно одржување на јавните зелени површини.
„Се одлучивме на оваа иницијатива со надеж дека ќе ја подигнеме јавната свест кај граѓаните за одржување на уредени јавни површини. Нашата замисла беше да ги облагородите површините пред стамбените згради, но и институции за кои ќе има интерес од граѓаните да се грижаат за нив. Потпишавме и договори за соработка. Но место одржување, се соочивме со уништување на веќе направеното. За жал, од 12-те површини дали две се функционални и за кои станарите водат грижа, останатите или се уништени или заборавени“, вели Катерина Аџискерлева од „Планетум“.
Во рамките на Зелената граѓанска акција во соработка со ЈП „Комуналец“, а на барање на граѓани, се расчистуваа запуштените јавни локации, се раскопуваа и уредуваа со зеленило и цвеќе. На поголемиот дел од нив се изработуваа и поставуваа декоративни елементи од отпаден матријал. Дрвените палети се правеа во клупи за одмор, користените гуми и лимени канти се употребуваа како саксии за цвеќе, старото железо се користеше за поставуавање лулашки. За време на акциите се вклучуваа и граѓани кои помагаа во облагородувањето на површините но тоа кратко траеше велат од „Планетум“.
„Единствено станарите од две колективни згради водат грижа и до ден денес за уредената јавна зелена површина. Струмичани по сѐ изгледа сакаат друг да им се грижи за јавните површини пред зградите. Вандалското однесување и уништување на јавните зелени површини од поединци нема да не поколеба, ние планираме и во иднина да уредуваме бидејки кај нас и понатаму се јавуваат заинтересирани граѓани за ова акција. Треба уште многу да работиме на подигнување на јавната свест“, вели Аџискерлева.
Иницијативата на „Планетум“ за зелена граѓанска акција ја поддржаа повеќе граѓански организации и Општина Струмица, а декларативно и куќните совети на станбените комплекси кои потпишуваа зелено ветување за грижа на површините. Станарите пак велат дека се грижеле за уредените јавни зелени површини, но не можат против поединци кои ноќе кршат и уништуваат.
„По сѐ изгледа треба да дежураме. Навчер се собираат млади кои место да уживаат во веќе направеното, со хулиганско однесување го уништуваат. Не останаа ниту лулашките, ниту дрвените клупи за одмор, ниту пак засадените декоративни дрвца“, реагираа станарите од улицата Ристо Клепов, кои меѓу првите добија уреден површина од граѓанската зелена акција.
„Се обидуваме сите заеднички да се грижиме за нашата површина што ја уредија екологистите. За да го спречиме вандализмот, одлучивме да ја оградиме оти се корне засаденото, се краде сѐ што ќе направиме“, велат станарите од улицата Максим Горки.
Во струмичката полиција потврдија дека лани имало пријави за вандалско уништување на урбана опрема по јавните зелени површини. Станува збор за пријави претежно од ЈП Комуналец за испокршени канделабри, корпи за отпадоци и клупи за одмор по парковите. Дел од сторителите се откриени и против нив се поднесени прекршочни пријави. За уништување на урбаната опрема и јавните зелни површини во рамките на зелената граѓанска акција полицијата вели дека нема добиено пријави.
В. ТРАЈКОВ