Централното претседателство на ДУИ во проширен состав се собра денеска во седиштето на партијата во Мала Речица, за да решава за можната коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за состав на влада.
Од ДУИ засега не ги пуштаат новинарските екипи да снимаат ниту, пак, најавуваат дали ќе дадат изјава или ќе има соопштение во врска со одлуката за можна коалција.
Голем број новинарски екипи се собрани во една од просториите на објектот на ДУИ во Мала Речица и очекуваат каква било информација.
Портпаролот на ДУИ Бујар Османи синоќа изјави дека најважно е одлуката да биде добра, наместо навремена. „Ние сме свесни за роковите, за целата ситуација, и посакуваме да се најде решение за да постигнеме политичка стабилност, но првично и важно е одлуката да биде добра, наместо навремена“, изјави Османи.
Рокот за состав на нова влада истекува утре (29 јануари), кога мандатарот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, треба да соопшти дали и со која партија ќе формира коалиција.