Американскиот режисер на документарни филмови Морган Спарлок, кој се прослави со филмот за брзата храна „Јас во суперголемина“ (Super Size Me), почина на 53 години од рак, објави неговото семејство. Тој режираше повеќе од 20 филмови во кариерата, вклучувајќи ги „Каде е Осама бин Ладен?“ од 2008 и „Тоа сме ние“ за турнејата на британскиот поп-бенд „Уан дајрекшн“ во 2013.
Спарлок во 2005 беше номиниран за Оскар за најдобар долгометражен документарец за „Јас во суперголемина“, во кој еден месец јадеше само храна од „Мекдоналдс“ за да го тестира нејзиното влијание врз здравјето.
Експериментирајќи на себеси цели 30 дена, Спарлок се здебелил 11 килограми откако јадел само бургери и пиел големи количини „кока-кола“, па лекарите на крајот му кажале дека си го загрозува здравјето. Тој во филмот опишуваше како се чувствува лошо и без енергија, додека на лекарските прегледи му беа утврдени висок холестерол и висок крвен притисок.
По излегувањето на филмот, „Мекдоналдс“ објави соопштение во кое го бранеше своето мени и го осуди филмот како нереалистичен. Истата година, фирмата го исфрли бургерот „супер сајз“ од менито.
Во 2017 Спарлок сними продолжение на филмот, во кое отвори свој ресторан за брза храна со пилешко.