ТЕШКО МЕ ПОГОДИ ТОА ШТО МАКЕДОНИЈА ГЛАСАШЕ ЗА РЕЗОЛУЦИЈАТА ЗА СРЕБРЕНИЦА, КАЖА ВУЧИЌ

    ТЕШКО МЕ ПОГОДИ ТОА ШТО МАКЕДОНИЈА ГЛАСАШЕ ЗА РЕЗОЛУЦИЈАТА ЗА СРЕБРЕНИЦА, КАЖА ВУЧИЌВучиќ се нагрна со српско знаме по гласањето за резолуцијата во Обединетите нации (Фото: ЕПА)

    Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека тешко го поднесол тоа што Македонија гласаше за резолуцијата на Обединетите нации со која 11 јули беше прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

    Северна Македонија тешко ме погоди. Најмногу имам вложено во односите со нашите македонски браќа, но тоа не беше фер. Се покажа дека Грција има повеќе ‘рбет од Скопје“, изјави Вучиќ.

    Резолуцијата беше предложена од Германија и Руанда и спонзорирана од уште 34 држави, меѓу кои и Македонија. На гласањето во четвртокот, 84 членки на ОН ја поддржаа резолуцијата, 19 беа против, а 68 земји беа воздржани.

    Србија не е означена како виновник во резолуцијата, ниту пак се споменуваат Србија и српскиот народ.

    Според меѓународното право, кривичната одговорност за геноцид е индивидуализирана и не може да се припише на ниедна етничка, верска или друга група или заедница како целина. Резолуцијата безрезервно го осудува секое негирање на геноцидот во Сребреница како историски настан, како и дејствија што ги величаат оние кои од меѓународните судови биле осудени за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид, вклучително и оние кои се одговорни за геноцидот во Сребреница“, стои во текстот на резолуцијата.

    За резолуцијата гласаа сите поранешни југословенски републики, додека некои членки на ЕУ беа воздржани, како Кипар, Грција и Словачка.

    Најодвратно ми беше однесувањето на Црна Гора околу резолуцијата. Не ме разочара затоа што очекував да гласа ‘за‘. Но, потешко од Црна Гора ме погоди Северна Македонија“, нагласи Вучиќ.

    На 11 јули 1995 српските сили влегоа во Сребреница, која беше под посебна заштита на ОН и потоа убија повеќе од 8.000 муслимански мажи и момчиња. И Србија и Република Српска негираат дека во Сребреница се случил геноцид, иако така беше утврдено од два суда на ОН.

    Резолуцијата нема да придонесе за зајакнување на довербата, туку ќе отвори стари рани и ќе донесе нови поделби во регионот и во Обединетите нации“, кажа Вучиќ по гласањето.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира