Украина тврди дека првпат употребила западно оружје за да уништи руски противвоздушен систем на руска територија, за што неодамна доби одобрение и од американскиот претседател Џо Бајден. Украинската министерка Ирина Верешчук објави фотографија од наводниот напад, додавајќи дека бил погоден систем „С-300“.
Ова доаѓа само неколку дена откако САД и неколку европски држави ѝ дозволија на Украина да изведува ограничени напади врз воени цели на руската територија со оружје добиено од западот, првенствено кај харкивскиот регион. Верешчук не откри какво оружје било употребено во овој напад, кој се случил во прекуграничниот регион Белгород на 1 или 2 јуни, објави и американскиот Институт за проучување војна.
„Руските извори тврдат дека украинските сили почнале да ги користат проектилите ‘ХИМАРС‘ за да го гаѓаат Белгород“, кажаа од Институтот за проучување војна.
Погодениот систем се наоѓал 60 километри од бојното поле во харкивскиот регион, односно над 80 километри од градот Харкив, што е во рамките на дострелот на „ХИМАРС“.