ХЕРОЈСКАТА ГЕНЕРАЦИЈА МАКЕДОНСКИ АРХИТЕКТИ НА СВОЈА КОЖА ИСКУСИ ДА ИМ СЕ РУШАТ ОБЈЕКТИТЕ, РЕЧЕ МИШКО РАЛЕВ ОД ААМ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ШЕСТ ПОЧИНАТИ КОЛЕГИ

    ХЕРОЈСКАТА ГЕНЕРАЦИЈА МАКЕДОНСКИ АРХИТЕКТИ НА СВОЈА КОЖА ИСКУСИ ДА ИМ СЕ РУШАТ ОБЈЕКТИТЕ, РЕЧЕ МИШКО РАЛЕВ ОД ААМ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ШЕСТ ПОЧИНАТИ КОЛЕГИКолегите се сеќаваа на своите колеги и се потсетија на нивните дела и придонес за македонската архитектура. (Фото: К. Попов)

    Велат хероите никогаш не умираат, секако дека е тоа така, но можам да надополнам дека всушност хероите умираат и по неколку пати и можеби затоа се херои, рече Мишко Ралев, претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) на денешната комеморација во чест на шестмина архитекти кои починаа изминатите години: Мимоза Несторова-Томиќ, Благоја Колев, Трајко Димитров, Георги Константиновски, Радован Раѓеновиќ и Миодраг Митровиќ.

    Колегите се сеќаваа на своите колеги и се потсетија на нивните дела и придонес за македонската архитектура.

    За архитектката Мимоза Несторова-Томиќ, која почина на 24 мај на 95 години, говореше Ралев, и кажа дека оставила неизбришлива трага во македонската архитектура и култура воопшто и дека беше личност со несекојдневен стручен и кулурен профил.

    „Велат хероите никогаш не умираат, секако дека е тоа така, но можам да надополнам дека всушност хероите умираат и по неколку пати и можеби затоа се херои. А, херојската генерација на македонски архитекти која полека си заминува од сцената на животот, тоа добро го знаеше и го има искусено на своја кожа. Не може да го создавате новото општество а да останете нечепнати.  Така беше со Муличковски, така беше со Брезовски, а можеби најдрастично беше со Мимоза Несторова-Томиќ, личност на која од многу одамна ѝ се восхитувам. Ако на многумина им ги ретушираа фасадите, на Томиќ ѝ го срушија објектот. Не дека во светот не се рушат објекти, дури и на најпознатите архтекти, но тоа кај нас е рамно на трагедија и криминал, зашто сепак нашиот архитектонски фонд е со скромен број и го немаме тој комфор да го намалуваме или на друг начин да го запоставуваме. Се разбира, ммислам на циркусот  наречен Скопје 2014“, рече Ралев.

    „Во еден разговор со нејзината ќерка, Дијана, која е уметник, ѝ реков: ‘Дијана со тебе учев во гимназија, сестра ти ми е колешка, нејзините внуци ми беа студенти. Татко ви ми беше професор, а мајка ти, ми беше идол“, кажа Ралев.

    Во богатата и наградувана кариера, за Несторова-Томиќ се издвојува дека како дел од тимот на Градскиот завод за урбанизам и архитектура работела на Деталниот урбанистички план за скопската Стара чаршија, за реконструкција на Сули ан, на ревитализација на Старата чаршија и Чифте амам, авторка е на проектот за стоковната куќа „Беко“, на Музејот на Македонија (со Кирил Муратовски), работела реконструкција на ентериерот на Универзалната сала и била една од урбанистите кои работеле на разработка на проектот од јапонскиот архитект Кензо Танге, на обновувањето на Скопје после земјотресот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира