Бројот на изостаноци во училиштата е во постојан пораст. Има училишта каде во текот на една година евидентирани се над 40.000 отсуства на ученици од наствата. Исто така, за три години од школо во школо се бележи зголемување за 3.000 до 7.000 изостаноци, покажа истражувањето направено од учениците Андреј и Давид Марковски и Владимир Јаневски од гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Битола, под менторство на професорот Мите Ристов. Истражувањето е едно од осумте спроведени од учениците во гимназијата и основното училиште „Тодор Ангелевски“ на секциите за примена на географско-информациски софтвер (ГИС), за стори мапа да се прикажат податоци за различни теми и проблематики поврзани со Битола.
Според податоците што дел од битолските училишта ги доставија до учениците истражувачи, може да се види дека од три средни училишта во градот во оваа учебна година најмногу отсуства од настава биле евидентирани во СОУ „Таки Даскало“, дури 40.432 од 738 ученици. Тоа во просек би значело по 54 изостаноци на секој ученик. Гимназијата „Јопси Броз-Тито“ со 686 ученици забележала 31.978 изостаноци, а медицинското училиште „Д-р Јован Калаузи“ 28.244 од 761 ученик. Во Медицинското училиште за три години отуствата се зголемиле за 3.414, а во „Јосип Броз-Тито“ за над 7.000.
Бројот на ученици за три години е намален за 53 во Медицинското училиште, 35 во Техничкото, 73 во Горната гимназија.
„Прашавме за бројот на училници, на ученици во минатите три години, за изостаноците, секциите, број на простории, дали имаат кабинетска настава и слично. Во основните училишта отприлика константен е бројот на ученици, многу малку се менува во текот на годините. Но, во Гимназијата забележав дека е намален бројот на ученици од 732 лани на 686 годинава. Во однос на изостаноците се многу слични училиштата, некаде имаше поголем број неоправдани, но отприлика сите се движат во ист просек“, рече Владимир Јаневски, ученик од гимназијата „Јосип Броз-Тито“.
Учениците од ГИС секциите направија истражувања за хотелите во центарот на Битола, спортските објекти, возните линии, старата битолска чаршија, училишта за странски јазици, теретани, основни и средни училишта.
„Учениците беа вклучени во изучување на ГИС техниките. Тоа се географско- информациски системи кои овозможуваат поврзување на податоци со локации со што се добиваат подобри визуелни презентации поразбирливи за широката јавност“, рече Гордана Богоевска, наставничка по географија и менторка на учениците од „Тодор Ангелевски“.
Активноста беше спроведена од Регионалното географско друштво „Геосфера“ од Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА