Градоначалникот на Приштина, Перпарим Рама, им понуди на граѓаните речиси една третина од минималната месечна плата во земјата ако посвојат бездомно куче.
Низ главниот град на Косово има околу 4.000 улични кучиња и тие претставуваат голем проблем за локалните власти. Шокантната снимка на која едно момче брутално тепа улично куче ја крена свеста за овој проблем и доведе до протести минатиот месец.
„Ова не е изолиран случај, тоа често им се случува на кучињата во Косово“, изјави Аргјента Доцики, активистка за заштита на животни.
Рама се надева дека неговата амбициозна програма „Дом за секое куче“ ќе го реши проблемот и ќе го промени ставот кон кучињата. Градот ќе му плаќа на секое домаќинство 50 евра месечно за посвоено куче-скитник.
„Чување куче е скапо и немаат сите пари за тоа. Затоа им помагаме на семејствата во посвојувањето“, кажа Рама.
Градот веќе почнал да ги трга кучињата од улиците и Рама кажа дека тие ќе бидат сместени во засолниште, каде што ќе бидат вакцинирани, стерилизирани и спремни за посвојување. За тоа ќе се издвојуваат околу два милиона евра годишно.