Голем дефект има во снабдувањето со струја во повеќето градови во Босна и Херцеговина, Хрватска, поточно Далмација, како и Црна Гора, Албанија и Грција. Босански „Аваз“ пренесува дека во целосен колапс е скоро цела Босна и Херцеговина, вклучувајќи ги и најголемите градови Сараево, Бањалука и Мостар.
Радио Слободна Европа објави дека Лука Петровиќ, директор на Електропривреда Република Српска изјавил дека причината за снемувањето струја во поголемиот дел од БиХ е дефект на енергетската мрежа на Црна Гора.
Во меѓувреме, црногорскиот електродистрибутивен систем на својата официјална страница на Фејсбук објави дека има прекин на мрежата на црногорскиот електропреносен систем и дека речиси целата област на Црна Гора е без струја, додавајќи дека прекинот на струјата го опфатил „југоисточниот дел од регионот“.
Во БиХ има три електрични компании – Електропривреда БиХ, Електропривреда Република Српска и Електропривреда „Херцег Босна“.