Владата на денешната седница именуваше нови директори на неколку државни институции. Васе Анакиев е именуван за в. д. директор на Државниот инспекторатот за земјоделство. Анакиев е дипломиран инженер агроном и магистер на економски науки, со работно искуство во Министерството за шумарство и водостопанство. Бил претседател на Комисијата за доделување на земјоделско земјиште.
Весела Честоева е нова директорка на Управата за заштита на културното наследство. Честоева дипломирала на Институтот за Историја на уметноста и Археологија при филозофскиот факултет во Скопје и магистрант на Институтот за национална историја. До 2024 година е директор на ЈОУ Вински музеј за регион Тиквеш- Кавадарци, а претходно и директор на НУ Археолошки музеј на Македонија – Скопје, како и пратеничка во Собранието.
На Агенцијата за катастар на недвижности за в. д. директор е назначен Иван Живковски кој има магистрирано на тема „Правниот статус на Агенцијата за катастар и недвижности како државен орган“, а има дипломирано на правиот факултет „Јустинијан Прв“ во Скопје. Работи како адвокат. Во минатото бил и претседател на Студентскиот парламент на УКИМ и има учествувано во повеќе органи на управување. Амет Зибери, пак, е именуван за в. д. заменик на директорот на Агенцијата за катастар на недвижности.
Данијел Апостолоски е нов директор на салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Апостолоски е дипломиран професор по физичка култура и магистрант на Факултет за менаџмент на човечки ресурси при Универзитет за туризам и менаџмент – Скопје. Има работно искуство во ДСУ „Спортска академија“ Скопје.
Даут Мемеши е нов в. д. директор на Бирото за регионален развој, а Рефик Џемаили на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Северна Македонија. Александар Донев е поставен за в. д. директор на Управа за сигурност во железничкиот систем.
Диме Ратајкоски, на предлог на министерот за култура се именува за директор на Културно-информативниот центар во Истанбул, Република Турција. Мими Ѓоргоска Илиевска за директор на Културно-информативниот центар во Загреб, а Васко Шутаров на Културно-информативниот центар во Белград.