ВЛАДАТА ГИ РАЗРЕШИ НАЦИОНАЛНАТА КООРДИНАТОРКА ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА Д-Р МАЈА МОЈСОВА-МИЈОВСКА И ЗАМЕНИЧКАТА Д-Р БИЛЈАНА АНДОНОВСКА

    ВЛАДАТА ГИ РАЗРЕШИ НАЦИОНАЛНАТА КООРДИНАТОРКА ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА Д-Р МАЈА МОЈСОВА-МИЈОВСКА И ЗАМЕНИЧКАТА Д-Р БИЛЈАНА АНДОНОВСКАД-р Мојсова-Мијовска е една од зачетниците на трансплантација од починат дарител што првпат се изведе во 2014. (Фото: К. Попов)

    Д-р Маја Мојсова-Мијовска е разрешена од должноста Национална координаторка за трансплантација, на предлог на министерот за здравство Арбен Таравари, одлучи Владата на денешната седница. Разрешена е и нејзината заменичка, д-р Билјана Андоновска.

    Д-р Мојсова-Мијовска е една од зачетниците на трансплантација од починат дарител што првпат се изведе во 2014. За национален координатор беше назначена во 2018, а вториот мандат требаше да ѝ заврши во 2026. Националниот координатор за трансплантација се бира на владин јавен оглас со мандат од 4 години.

    Во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК во јуни, д-р Мојсова-Мијовска инсистираше дека органодарителството и трансплантацијата мора да остане целосно аполитично, зашто станува збор за државна, а не владина стратегија за развој на оваа дејност.

    Од 2020 до март годинава, во Македонија се трансплантирани вкупно 77 органи од починат дарител, од кои 11 срца, 4 црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива. Тоа е огромен исчекор за мала земја, но иако тоа го признаа и во Европската комисија за трансплантација и органодарителство и во Светската здравствена организација (СЗО), д-р Мојсова-Мијовска смета дека тоа не допре до високите политички кругови, затоа што, како што вели, за да се развива понатаму трансплантацијата на стабилни нозе треба уште многу да се работи.

    Владата денеска разреши од должност повеќе национални координатори и тоа: Роберт Алаѓозовски се разрешува од должноста Национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Владимир Пивоваров се разрешува од в .д. координатор на Националниот координативен центар за гранично управување, Неби Бејадин од в. д. заменик координатор на Националниот координативен центар за гранично управување, Борче Мирчески од в. д. Национален координатор за медијација, Фатмир Ејупи од Национален координатор за социјална заштита и процес на деинституционализација.

    Бедри Бехадини веќе не е Национален координатор за информатика и енергетика, Фатон Асани се разрешува од должноста Национален координатор за соработка со дијаспора, а Рамадан Рамадани од должноста Национален координатор за кохезија.

    Владимир Симоновски се разрешува од Национален координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, Златко Апостолоски од Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, а Џеладин Тефик Ајвази се разрешува од заменик национален координатор за спречување на насилен екстремизам.

    Златко Арсов е разрешен од  заменик национален координатор за борба против тероризам, а Магбуле Амети се разрешува од должноста Национален координатор за здравство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира