Лакавичко Поле е без капка вода од нејзината река Крива Лакавица и е едно од најсушните полиња во Македонија по изградбата на браната Мантово. Жителите од десетина лакавички села, кои исклучиво се занимаваат со земјоделство, велат дека Крива Лакавица за нив е само мисловна именка, затоа што речиси 50 години коритото долго дваесетина километри од Мантово до вливот во Брегалница кај селото Софилари е без капка вода затоа што од браната не се испушта биолошкиот минимум.
„Порано Крива Лакавица беше полна со вода. Не се знае колку риби сме фаќале. Но, со години, таа е пресушена, па сега сме оставени на небото. Ако заврне, добро, но знаеме дека Лакавичко Поле можеби има најмалку врнежи преку годината во цела Македонија“, вели земјоделецот Ване Станков.
Реакции има од жителите на сите лакавички села покрај патот Штип-Радовиш. Тие уште кога се градела браната Мантово биле принудени со вода да се снаоѓаат како знаат и умеат, па да го одржат земјоделството, морале да прават повеќе бушотини за вода.
„Со водата од Крива Лакавица се наводнуваа илјадници хектари во Лакавичко Поле. Ние земјоделците ги наводнувавме земјоделските површини, а рибарите спортуваа на реката. Сега наместо риба може да се црпи само сув песок од коритото на Крива Лакавица“, велат загрижените земјоделци од Лакавичко Поле.
Браната Мантово е изградена во 1978 заради наводнување на земјоделските површина во Општина Радовиш и техничка вода за потребите на рудникот „Бучим“, со законска обврска да се запазува биолошкиот минимум што од браната треба да се испушта кон Лакавичко Поле. Подружницата „Радовишко Поле“ и раководителите на браната ги негираат кажувањата за биолошкиот минимум и велат дека тој се испушта.
„Ние се придржуваме до задолжителните 2,5 кубни метри вода во секунда како биолошки минимум што треба да се испушта за Лакавичко Поле“, вели раководителката Сања Ристова.
Т. ЈОВАНОВСКИ