Жителите од улицата Дејан Војвода во центарот на Охрид се жалат на неподнослива смрдеа која се шири од распаднатата куќа во која на диво се вселени три бездомни лица.
„Ова е во центарот на Охрид. Во куќата живеат бездомници без вода, струја и тоалет. Се шири неподнослива смрдеа и не можеме прозор да отвориме на 40 степени. Никој ништо не презема, а дополнително луѓето фрлаат најразлични предмети, душеци, покуќнина и го претвараат местово во депонија“, вели Паце Момировска која живее во близина на куќата.
Жителите од улицата често пријавуваат и до ЈП „Охридски комуналец“ за да се подигне отпадот од пред куќата. Велат дека службите не можат да постигнат да го расчистат сѐ она што охриѓани го оставаат пред привремениот дом на бездомните лица.
Велат дека во лето е неподнослива миризбата поради високите температури, а во зима од чадот оти за да се стоплат бездомниците горат и гуми.
Преставници на Црвен крст – Охрид денеска ги посетија тројцата бездомници. Велат дека ќе им помoгнат со храна и облека, но побараа од институциите соодветно да ги згрижат.
„Ова не е првпат да го посетиме лицето кое скоро 10 години, како што ни кажа, е вселено во оваа напуштена куќа. Од разговорот со него ни кажа дека тука живее со дозвола на сопственикот на куќата. Неколку пати доаѓаме во посета и сме помогнале со хигиенски и прехранбени продукти, облека како и разни предмети за покуќнина. Секојпат кога ќе дојдеме наоѓаме само едно лице на околу 60-годишна возраст, но соседите и денеска ни потврдија дека тука живеат три лица. Во куќата има две соби но условите се катастрофални. Миризба се шири и од ѓубрето и од фекалии. На овие температури е катастрофа“, вели Ранко Раткушиноски од Црвен крст-Охрид.
Оттаму велат дека повторно ќе пратат известување до Центарот за социјална работа-Охрид за овој случај.
Соседите тврдат дека социјални работници не дошле за да видат во какви услови живеат бездомните лица во куќата која е во близина на центарот на градот.
„Нашето дејствување е да помогнеме како Црвен крст во однос на храна и она што можеме ние да доставиме, а ќе побараме од соодветните институции да делуваат според своите надлежности. Ние редовно излегуваме на терен, ги посетуваме лицата коишто се дел од категоријата социјално загрозени граѓани. Во таа категорија спаѓа и ова лице“, вели Раткушиноски.
Во Охрид Црвен крст има регистрирано неколку бездомни лица кои редовно ги посетуваат но велат дека тој број во текот на летото е далеку поголем оти доаѓале од другите градови на питачење во Охрид. Во статистиката на Центарот за социјална работа-Охрид на територијата на Општина Охрид нема евидентирани бездомни лица.
Директорот на Центарот за социјална работа-Охрид, Игор Еленчевски, вели дека лицето од улицата Дејан Војвода е корисник на гарантирана минимална помош, а исто така два-три пати во годината прима и еднократна парична помош како лице во социјален ризик. Заведен е како работоспособен и редовно се пријавувал во Агенцијата за вработување како услов за да користи социјална помош.
„Еднаш годишно ние вршиме увид за констатирање на фактите за исполнување на условите за користење на одредено право. Доколку, конкретно ова лице е со дозвола на сопственикот, не узурпират, не можеме ништо да направиме, не можеме да одиме и да го иселиме“, велат од Центарот за социјална работа.
Овој случај го отвори прашањето за потребата од изградба на прифатилиште за бездомните лица во Охрид каде ќе можат да ја поминат ноќта на топло и безбедно место, да добијат оброк и психолошка и медицинска поддршка. Пред десеттина години имаше иницијатива за приспособување на објект каде привремено ќе се згрижуваат лицата кои немаат сопствен дом но до денес нема реализација. Од Центарот за социјална работа-Охрид велат дека како ресурс го користат прифатниот центар „Чичино село“ во Скопје за привремено сместување на лицата кои имаат потреба од тоа.
С. ВРЕНЦОВСКА