ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА ИСПЛАТЕНИ ЗА ЕДНА ГОДИНА ЗА ЗАДОЦНЕТИ СУДЕЊА, НО НИТУ ЕДНА ВЛАСТ НЕ ГИ ЗАТВОРА ДУПКИТЕ ВО ЗАКОНИТЕ ШТО ГО ОВОЗМОЖУВААТ ТОА

    ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА ИСПЛАТЕНИ ЗА ЕДНА ГОДИНА ЗА ЗАДОЦНЕТИ СУДЕЊА, НО НИТУ ЕДНА ВЛАСТ НЕ ГИ ЗАТВОРА ДУПКИТЕ ВО ЗАКОНИТЕ ШТО ГО ОВОЗМОЖУВААТ ТОАЗаконите за кривична постапка, за парнична постапка и за управни спорови што ги носи Парламентот, се тие кои овозможуваат злоупотреба на правата на странките, смета претседателката на Судскиот совет Весна Дамева. (Фото: СДК.МК)

    Исплатени се 3 милиони евра за судења во неразумен рок и поради грешки на судии само за последната година, кажа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, претставувајќи го ребалансот на Буџетот за 2024.  Но, проблемот со бавната правда не е само кај судиите, туку доминантно е кај државата, односно политиката. Ниедна власт не се занимава со затворање на дупките во законите кои го овозможуваат тоа.

    Секој обвинет, особено богат и моќен бизнисмен или политичар, денеска може да најде поштар кој не зема редовна плата, да му даде пари да ги кине судските покани за него, и поради тоа да се одлагаат судењата до бескрај. На судиите им преостанува само да констатираат:„Неуредна судска достава“ и да го презакажат судењето.

    Втора најчеста причина за бескрајно одлагање на одредени судења е што секој граѓанин што има пари да плати во приватно, па и во јавното здравство, може да купи лекарско уверение со некоја дијагноза и потврда дека не е во состојба да присуствува на судењата.

    И тука судиите не се моќни да направат нешто, бидејќи на тие документи има потпис и печат на лекар-специјалист.

    Трета причина за долготрајност на кривичните постапки, поради кои по добиени тужби во Судот во Стразбур секоја година државата плаќа милионски отштети во евра, се поротниците. Кога се работи за обвинет функционер или познат бизнисмен, сè некако претседателите на судовите заборавиле да видат дека наскоро ќе се пензионира поротник во тој предмет, заборавиле да стават резервни поротници или пак Судскиот совет бавно реагирал да избере нови во одреден суд.

    Четврто, се случуваше во судењата за предметите од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), среде судење поротник случајно да си најде работа на друго место, да го напушти судискиот совет и со тоа да го врати судењето на почеток. И тука судијата е немоќен да стори нешто.

    Натаму, секој денеска може да плати судски вештак кој ќе направи такво нарачано вештачење на доказите во корист на обвинетиот, што ќе го одвлече судијата во погрешен правец. Тој судија, односно претседател на совет, е принуден во таков случај да бара супервештачење и тоа судење да потрае најмалку уште година и пол, две.

    И за ова е виновна државата, односно сите министри за правда во последниве 10-ина години, затоа што намерно не формираат дисциплинска комисија за да ги отстранат тие криминализирани вештаци од своите редови.

    Шестата, можеби и најпремолчена причина за кршење на правата на оштетените граѓани за брза и фер постапка, се недоаѓањата на обвинителите на судење, поради кои судијата мора да ги одлага рочиштата.

    Ова се очигледни причини кои може да ги воочи секој граѓанин што седнал во судница да следи судење, секој новинар, како и странките во постапките.

    За сите овие работи не се виновни судиите, туку државата што намерно не ги средува веќе три децении. Рејтингот им паѓа на судиите, а не на министрите за правда, владите, или на несовесните и корумпирани поединци во обвинителството.

    За оваа несредена состојба во судството која се провлекува 33 години од осамостојноста на Македонија, ја прашавме претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, баш затоа што не е судија и оти доаѓа од редот на стручните соработници во Основниот кривичен суд Скопје, кои најблиску ги следат објективните пречки што му го загрозуваат предметот на судијата кај кој се распределени да работат.

    Таа смета дека Законот за кривична постапка (ЗКП), Законот за парнична постапка (ЗПП) и Законот за управни спорови (ЗУС), што ги носи Парламентот, се тие кои овозможуваат злоупотреба на правата на странките.

    „Факт е дека судијата е тој што раководи со постапката и кој е должен да ја спречи секоја злоупотреба на процесните права на странките на начин што ќе се оневозможи нејзино одовлекување. Лично сметам дека процесните закони, и ЗПП и ЗКП, па дури и ЗУС, даваат можности за одлагање на постапките низ призма на користење на процесните права на странките“, вели Дамева.

    Смета дека и недоволната кадровска екипираност на судовите која се провлекува со години, доведува до неоправдани одолговлекувања на судските постапки. За судските покани жали што уште се оди „пешки“ во 21 век, додека законот дава можност поканите да се испраќаат електронски и да нема злоупотреби.

    „Би ја истакнала доставата, како услов за одржување на секоја расправа и би сакала да потсетам на исклучителното значење на судските доставувачи во тој процес. Овој вид на достава, судовите го контролираат бидејќи е под нивна директна надлежност, но да не заборавиме дека судовите користат и достава по пошта. Идејата за електронска достава не заживеа во целост, затоа што таа некако како да важи само за адвокатите, а и тие не се сите регистрирани за електронска достава“, укажува Дамева дека нема помрднување во овој можеби најбитен фактор за брза и ефикасна правда.

    Добро ѝ е познат и проблемот со поротниците, кои од различни причини во текот на кривичните постапки се менуваат, како поради сопствено барање, така и поради престанок на мандат, што предзвикува комплетно започнување на постапката одново.

    „Во текот на моето досегашно искуство, можам да кажам дека како проблем за ефикасно и брзо завршување на судските постапки придонесуваат вештачењата, кои во одредени случаи нецелосно се изготвуваат, па се јавува потреба од нивно дополнување, а исто така има случаи и на долго траење на изготвување на вештачењата. Во овој контекст би напоменала дека судијата има можност вештаците кои се јавуваат како причина за одолговлекување на постапката парично да ги казни или да го одземе предметот и да го додели на друг вештак, но и таквото постапување неминовно ќе доведе до одолговлекување на постапката“, кажува Дамева за моменталната поразителна ситуација со вештачењата, која да сака некој, ќе ја среди преку ноќ.

    За долгото траење на одредени судски постапки, неретко како причина се јавува и отсуство на координација и соработка на државните органи со судовите, заклучува таа.

    „Ефикасното водење на судските постапки генерално е во рацете на судијата, но мора да се има предвид и фактот дека постојат и објективни околности поради кои постапките се одолговлекуваат. Со оглед дека примат треба да биде брзото и ефикасно спроведување на судските постапки, со цел граѓаните да ги остварат своите права во разумен рок, во овој процес активна улога покрај судовите треба да имаат и другите државни органи и институции, секој во рамки на својата надлежност, за да се надминат детектираните состојби со бавното остварување на правдата. Граѓаните мора и треба да добијат брза и ефикасна правда“, го кажува личниот став претседателката на Судскиот совет Дамева.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира