Отстранети се постаментите кои беа поставени на две локации во центарот на Велес, пред хотелот „Интернационал“ и пред Комерцијална банка, после реакциите од граѓаните дека заземаат голем дел од тротоарот и се опасност за минувачите. Пешаците реагираа дека со нив се зазема поголем дел од тротоарите и нема место за разминување.
„Реагиравме до канцеларијата на ЕУ како финансиер на проектот, бидејќи постаментите се дел од проектот за решавање на сообраќајот во централното градско подрачје. Од таму добивме потврда дека може да се заменат, затоа ги отстранивме. Тоа беа постаменти за знаци за централното градско подрачје, со проект од пред три години, за уредување на централно градско подрачје. Имаме обврска наместо нив да најдеме ново решение за вертикално означување на потребните локации, што и ќе го сториме, но не како што се планираше“, кажа градоначалникот Марко Колев.
Локалната власт најави дека ќе се постават електронски дисплеи со информации за доаѓањето на автобусите од градскиот и приградскиот превоз. Ќе бидат поставени на автобуските постојки на улица 8 Септември наспроти паркингот кај Судот, на улица Гоце Делчев зад Судот, спроти Пензионерскиот дом и во близина на ОУ „Васил Главинов”.
П. ПЕЧКОВ