„Премостуваме разлики: поддршка за доење, за сите“ е годинашната тема на Светската недела на доење, која се одбележува од 1 до 7 август. Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) велат дека поддршката за доење доаѓа во различни форми и облици.
„Оваа година се става акцент на видливост на мајките кои дојат, да се даде грижа и поддршка да бидат видени и слушнати и да ги споделат своите добри пракси за доењето и важноста на поддршката на повеќе нивоа. Светската алијанса за акција за доење (WABA) во текот на Светската недела на доење ќе се фокусира на преживување, здравје и благосостојба, ќе ја покаже потребата од подобрување на поддршката за доење за да се намалат нееднаквостите што постојат во општествата – со посебен фокус на доењето во време на итни случаи и кризи. Од суштинско значење е никој да не биде запоставен, особено мајките од ранливите заедници“, вели Институтот за јавно здравје.
Здравствените власти потсетуваат дека од 0 до 6-месечна возраст хранење на доенчињата само со мајчино млеко и ништо друго им гарантира извор на храна кој е уникатно прилагоден на нивните потреби за хранливи материи, а истовремено е безбеден, чист, здрав и достапен без разлика каде се наоѓаат.
„Постојат активности кои сите може да ги преземеме, кои им помагаат на жените да дојат онолку долго колку што сакаат. Заштита, промоција и поддршка за доењето, адресирајќи ги нееднаквостите кои стојат на патот на одржливиот развој. На мајките им е потребна поддршка да дојат во секое време, да се нормализира и да не се цензурира доењето во јавност. Ефективни породилни права, кои не ги принудуваат жените да бираат помеѓу семејството и професијата . Обучени здравствени работници кои можат да пружат почит, помош, поддршка на жените кои дојат. Крај на експлоататорски промоции на бебешко млеко во секој контекст“, велат од ИЈЗ.
Светската недела на доење се одбележува од 1992, а во Македонија е поддржана од СЗО, УНИЦЕФ, Министерството за здравство, како и партнери од граѓанскиот сектор.
Податоците од здравствениот сектор велат дека секој дополнителен месец на платено породилно отсутство ја намалува стапката на смртност на доенчињата на 13 отсто.
Само 53% од земјите го исполнуваат минималниот стандард на породилно отсуство од 14 недели. Во Македонија породилното остуство е 9 месеци. Иако беше најавен дека е во подготовка, во мандатот на претходната влада не се донесе нов Закон за работни односи, со кој се предвидуваше родителско отсуство од вкупно 13 месеци, од кои 9 за мајката и 4 за таткото. Законот требаше да стапи на сила уште во 2022, но освен објави за јавни расправи, ништо друго не беше сработено.
Б. НЕСТОРОСКА