Берзите низ Европа и Азија забележаа силен пад денеска среде стравувањата дека економијата на САД успорува и земјата би можела да влезе во рецесија. Ова беше следено од падот на речиси сите акции на Вол стрит.
На отворањето на берзата во Лондон клучниот индекс ФТСЕ 100 падна за 2,3%, додека Еуронекст оствари пад од 3,5%. Значително поголем пад се случи на азиските берзи, па така јанонскиот индекс Никеи 225 падна за 12,4%, најмногу од 1987 година.
Индексот на берзата во Париз падна за 2,5%, а во Франкфурт за 3,3%.
Падот на берзите уследи откако во петокот беа објавени лошите податоци за вработувањата во САД, што предизвика голема загриженист за тамошното стопанство. Во падот се и берзите во Јужна Кореја, Индија, Австралија, Хонгконг, Тајван и Шангај, поттикнато од шпекулациите дека САД се движат кон рецесија.
Јенот во меѓувреме зајакна во однос на американскиот долар, откако Банката на Јапонија ги зголеми каматните стапки минатата недела.