АКО МЕНЕ ЛИЧНО МЕ ПРАШУВАТЕ, ЈАС СУМ ЗА ЛИНЕАРЕН РАСТ НА ПЕНЗИИТЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА

    АКО МЕНЕ ЛИЧНО МЕ ПРАШУВАТЕ, ЈАС СУМ ЗА ЛИНЕАРЕН РАСТ НА ПЕНЗИИТЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКАМинистерката Димитриеска-Кочоска вели дека по линеарните зголемувања во септември и март ќе има враќање на старата методологија за усогласување на пензиите (Фото: Влада)

    Со ребалансот на буџетот усвоен вчера во Собранието се предвидени средства за линеарно покачување на пензиите за 2.500 денари во септември, а најавено е уште едно такво линеарно покачување во март следната година.

    Зборувајќи за ТВ Сител по собраниската седница, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска кажа дека таа лично смета дека линеарниот раст на пензиите е подобар.  Сепак, таа вели дека по линеарните зголемувања во септември и март ќе има враќање на старата методологија за усогласување на пензиите, со која што се предвидува процентуално зголемување.

    „Во однос на пензиите, сега најмногу ќе добијат оние со најниски пензии од 13.000–13.500 денари. Ќе одиме со линеарно зголемување во септември и март, а потоа се враќаме на старата методологија. Ако лично мене ме прашувате, јас сум за линеарен раст на пензиите“, вели Димитриеска-Кочоска.

    Според досегашната методологија за усогласување на пензиите, двапати годишно (март и септември) се правеше усогласување на пензиите според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоци на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатена плата на сите вработени во државата во однос на полугодието кое му претходи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира