Русија прогласи вонредна состојба во уште еден пограничен регион, откако украинската прекугранична офанзива влезе во втората недела. Гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков, изјави дека ова е неопходно зашто украинските гранатирања ја прават ситуацијата крајно тешка и напната.
„Во секојдневните украински напади гинат цивили и се уништуваат куќи“, напиша Гладков на Телеграм.
Ова доаѓа осум дена откако украинските трупи извршија изненадувачки упад во рускиот регион Курск, заземајќи стотици квадратни километри руска територија. Тоа доведе до тешки борби и евакуации на 200.000 луѓе. Киев вчера кажа дека не е заинтересиран за долготрајна окупација на регионот, туку дека оваа операција има за цел да се заштити Украина, имајќи предвид дека од Курск само минатиот месец биле изведени над 2.000 напади.
Еден американски функционер изјави дека целта на упадот во Курск е да се натера Русија да повлече дел од трупите од Украина.
Белгород е регион во западна Русија кој се граничи со Курск. Засега нема информации дека украинските трупи влегле и во овој регион.
Русија објави дека ноќеска соборила 117 украински дронови, најмногу над регионите Курск, Воронеж и Нижни Новгород.
Најголемиот напад врз руската територија по Втората светска војна драматично го промени наративот за војната, бидејќи Русија постојано напредуваше откако пропадна украинската противофанзива минатата година. Владимир Путин во понеделникот кажа дека Украина на овој начин сака да ја подобри својата преговарачка позиција.