Од владините институции, максималните 100% активна транспарентност годинава ги задржа само Министерството за одбрана, кое четврта година по ред ги објавува сите предвидени информации од активната транспарентност, според Индексот на активна транспарентност 2024 на Центарот за граѓански комуникации, невладина организација која прави мониторинг на државните институции.
Во редовното годишно рангирање на институциите според Индексот, Владата падна од ланското прво место и 100% активна транспарентност на 40 место со 87% активна транспарентност.
Според Индексот, просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2024 година изнесува 80% и во однос на лани е подобрена за 4 процентни поени.
Активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 86 %, а на општините 79 %. Во однос на лани, кај министерствата нема напредок, а општините се подобриле за 5 процентни поени.
За првпат годинава, дури пет општини, Берово, Битола, Валандово, Кавадарци и Кичево остварија 100% активна транспарентност, а својата активна транспарентност ја подобриле 71% од вклучените институции.
Меѓу регионите, Источниот Регион ја задржа и дури ја подобри лидерската позиција во однос на другите региони со 88% активна транспарентност, додека Скопскиот Регион за многу малку ја избегна последната позиција на која што се наоѓаше со години. Сега, на последно место е Североисточниот Регион со 72% активна транспарентност.