Три нови пензионерски клуба отвора Здружението на пензионери од Битола, кои неговите членови ќе ги користат за дружење, играње шах, карти, домино и други друштвени игри, како и за гледање телевизија и спортски натпревари. Клубот во месната заедница „Панде Кајзеро“ беше отворен денеска, а следните денови ќе бидат отворени и другите два во Областа и Декорпод.
„Правиме храбар чекор во обезбедување услови пензионерите да имаат свои катчиња, каде што ќе можат слободното време да го искористат на креативен начин. Купивме три простории на различни локации во Битола и ги опремивме. Тие ќе останат сопственост на Здружението и ќе ги користи не само нашата генерација, туку и следните. Парите на пензионерите, поточно членарината, завршува во функција на пензионерите“, рече Даница Петличкова, претседателката на Здружението.
Здружението кое брои 20.000 членови е основано пред 78 години и до денес имаше еден клуб купен пред пет години, чиј капацитет и во лето и во зима е целосно пополнет.
„Досега, во повеќе наврати се обративме до Општина Битола со барање да ни отстапи дел од слободните простории во месните заедници и да ги опреми во пензионерски клубови но, за жал, и од оваа и од претходната локална самоуправа не добивме позитивен одговор“, рече Петличкова.
Ж. ЗДРАВКОВСКА