Иако поминаа три години откако е формиран Националниот парк „Шар Планина“, голем дел од населението кое живее и егзистира во зоната на Националниот парк не е доволно запознаено со можностите кои ги нуди паркот за локалното население. За нивните недоумици и проблеми што ги имаат, можеа да добијат одговор на неколку форуми кои беа наменети за руралното население од паркот, а беа организирани од „Центарот за едукација и развој“ (ЦЕД) од Теарце со поддршка на Македонското еколошко друштво.
„Ова беше првпат членовите на заедницата да имаат отворен дијалог со раководството на Националниот парк и да ги изразат своите суштински прашања и грижи. Се одржаа шест вакви форуми во кои беа опфатени општините Теарце, Врапчиште, Гостивар, Боговиње, Тетово и Јегуновце, односно општините кои се директно поврзани со Националниот парк ‘Шар Планина’. Главната цел на овие средби беше да се подобри комуникацијата меѓу претставниците на Националниот парк и локалното население. Податокот дека во дискусиите на форумите активно учество зедоа 168 учесници, зборува колку голем интерес предизвикаа овие средби“, вели Метин Муареми од ЦЕД.
На овие средби се зборувало за повеќе теми кои кај локалното население сѐ уште создаваат недоумица, но и теми кои се директно поврзани со нивниот живот и работа во рамките на Националниот парк.
„На средбите се разговараше за проблемите со отпадот и несоодветното управување со него кое претставува сериозен проблем за локалното население и за дивите депонии кои го загрозуваат Националниот парк. Беше посочено дека локалното население има проблем со пристап до вода за пиење при што беше речено дека НП ‘Шар Планина’ работи на заштита на изворите и спречување понатамошна изградба на нови хидроцентрали во зоната на паркот. Оваа година, за среќа, засега немавме проблеми со шумските пожари на Шар Планина, но ја потенциравме опасноста од нив посебно ако се знае дека кај нас сè уште е присутно чистењето на нивите со палење и потпалување на смреките на пасиштата. Од кажувањата на локалното население увидовме дека тоа има многу нејаснотии како може да ги користи шумите кои се во состав на НП, за што се изготвуваат посебни планови за одгледување и заштита на шумите“, додава Муареми.
Во овој период од годината актуелна е бербата на шумските продови, посебно на боровинките по кои Шар Планина е надалеку позната.
„Темата за користење на шумските плодови предизвика навистина голем интерес бидејќи на голем дел од локалното население се уште не им е јасно смеат или не смеат да берат и како е регулирана оваа дејност во Националниот парк. Им беше укажано дека локалното население, значи тоа кое живее во реонот на националниот парк, може да собира шумски плодови за свои потреби, додека посетителите имаат ограничување и треба да поседуваат дозвола за собирање. Се зборуваше и за развојот на туризмот при што беше речено дека НП планира да поддржува сместувачки капацитети и да ги вклучи локалните жители во угостителството“, рече Муареми.
Од шесте одржани форуми биле донесени неколку заклучоци и препораки како: редовно информирање на жителите за нивните права и обврски во рамките на НП, почести средби меѓу НП и локалното население за зголемување на довербата и справување со дезинформациите, и изнаоѓање начини како локалното население да ги почувствува придобивките од Националниот парк. Овие средби со локалното население се реализирани со поддрша и на Планинарскиот клуб „Љуботен“, Здружението Пријатели на Шара, Локална акциона група Шара, а проектот финансиски е поддржан од ЕУ.
З. АНДОНОВ