СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО ПРЕДЛОЖИ ФОРМИРАЊЕ РАБОТНА ГРУПА ЗА ПРЕИМЕНУВАЊЕ НА УЛИЦИТЕ ВО ГРАДОТ

    СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО ПРЕДЛОЖИ ФОРМИРАЊЕ РАБОТНА ГРУПА ЗА ПРЕИМЕНУВАЊЕ НА УЛИЦИТЕ ВО ГРАДОТЗа најновото преименување на улиците иницијатива дало Здружението на академици Албанци (Фото. СДК.МК)

    На својата последна седница Советот на Општина Тетово донесе предлог-одлука за формирање работна група за преименување на улици во Општина Тетово и за именување на улици на кои името сега им е определено со број. Ова предизвика голема вознемиреност кај граѓаните со македонска националност бидејќи стравуваат дека со новото преименување улиците ќе добијат имиња и на Албанци кои се поврзани со фашистите во периодот 1941-1945, како и на оние кои учествувале во конфликтот во 2001. На ваквиот предлог на Општина Тетово реагираа и од Сојузот на борците од НОБ и граѓани поддржувачи.

    „Имајќи ги предвид минатото поведение на локалната власт и сензитивноста на материјата, цениме дека е потребно навремено, гласно и јасно да испратиме предупредување дека за Сојузот на борците на НОАВМ, како и за граѓаните на Тетово, воопшто не е прифатливо менување на ниту едно име на улица кое носи име на партизан или деец на антифашистичката коалиција. Исто така е целосно неприфатливо и спротивно на Уставот да се размислува за именување улици и јавни површини со имиња на фашисти и балисти, бидејќи светската историографија јасно ја утврдила нивната улога во минатото“, се вели во соопштението испратено од Сојузот на борците.

    Пред повеќе години. локалната власт на Тетово направи промена на имињата на повеќе улици кои тогаш добија имиња на повеќе дејци од поблиската историја, од кои дел не беа директно поврзани со Македонија. Така плоштадот и главниот булевар Маршал Тито станаа плоштад и булевар Илирија, улицата ЈНА го доби името Дервиш Цара, а улицата 29 Ноември се применуваше во Мехмед Паша Дерала. Имињата на овие улици беа сменети со образложение дека потекнувале од времето на комунизмот.

    За најновото преименување на улиците иницијатива дало Здружението на академици Албанци, кое ја доставило до Општина Тетово во 2022.

    „Во Тетово имаме поширок проект за именување на сите улици, но, за жал, чекаме студија која треба да ја направи Македонскиот катастар. И натаму во Тетово има многу улици кои не се регистрирани за да се именуваат, а тоа е обврска на Општината“, изјави Касами минатата година.

    Дали ќе има ново преименување на улиците во Тетово зависи од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, бидејќи оваа одлука треба да се донесе со Бадентерово мнозинство.

    Сега за дел од улиците се користат двојни имиња: во локалната комуникација Општината ги користи новите имиња, додека во државната комуникација и во патните документи се користат имињата кои беа дадени по ослободувањето на Македонија од фашистичката окупација.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира