Место до десет килограми мед како претходните години, оваа година пчеларите од Повардарјето од една кошница собраа двојно помалку. Намалените приноси тие ги припишуваат на неколку фактори. Летово беше најсушно, со највисоки температури, покажуваат вредносите на метеоролозите.
„Сушата и високите температури беа причина да нема вода, а кога ја нема неа, нема ни вегетација. Пчелите не можат да собираат ни нектар, ни полен, оти ги немаше. Нема вода, а медот по дефиниција е течност. Втор момент е војната во Украина, оти за заздравување на тамошната економија ЕУ ги отвори пазарите и за украинскиот мед и тој во Македонија се увезува за 1,5 евра за килограм, а во маркетите е 250 денари. Ние домашниот го продаваме за 500-600 денари. Третиот момент е намалувањето на населението во земјава, заминуваат најмладите, за кои медот најчесто беше купуван“, вели Благојче Најдовски, пчелар од Велес, кој е трета генерација во семејството кој се бави со пчеларството.
Вели дека неговиот дедо пред 50 години собирал од кошница по 20 до 30 килограми мед, а тој годинава само 5 килограми. Пчеларството се сели на север, а во Македонија од година во година ќе има сѐ помали приноси поради климатските промени. Врз годинашново намалено производство на мед влијаеја и пожарите, во кои беа уништени значаен дел пчелни семејства и кошници полни со мед.
Во ваква ситуација, пчеларите бараат иновативни решенија за пласман на медот. Најдовски на еминентниот Новосадски саем доби две признанија, награди и златни медали за два нови производа.
„Нашите стари немале лекови, се лекувале со тревки, чаеви и со мед. Мораме луѓето да ги научиме повторно да јадат мед, на младите да ја пренесеме навиката да се јаде мед. Сите сме сведоци колку децата јадат мед, наспроти кондиторските производи. Луѓето се заситија само мед да јадат, бараат додадени вредности. Така јас во медот додавам други здрави компоненти и тоа го продавам на пазарот“, објаснува Најдовски.
Тој на медот му додал сушено цвекло во прав и дива шипка заради врзување на витаминот Ц и добил природен производ против анемија, храна која истовремено е и лек.
Вториот производ за кој доби награда е мед помешан со печени лешници, алтернатива за бројните кремови кои децата ги бараат и јадат. Објаснува дека лешникот има многу микро и макро елементи кои се битни за здравјето.
П. ПЕЧКОВ