БРОЈОТ НА ПАТНИЦИ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ ПРОДОЛЖИ ДА СЕ НАМАЛУВА И ВО ЈУЛИ, ВЕЌЕ ЧЕТВРТИ МЕСЕЦ ПО РЕД

    БРОЈОТ НА ПАТНИЦИ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ ПРОДОЛЖИ ДА СЕ НАМАЛУВА И ВО ЈУЛИ, ВЕЌЕ ЧЕТВРТИ МЕСЕЦ ПО РЕДАвион на Визер слетува на Скопскиот аеродром. (Фото: СДК.МК)

    Бројот на патници на Скопскиот аеродром се намали и во јули, веќе четврт месец по ред, објави специјализираната веб страна за авиособраќај Ексјуавиејшн. Во јули, Скопскиот аеродром имаше 296.861 патник, што е намалување од 5,5 отсто во споредба со истиот месец лани.

    Ова намалување најмногу се должи на намалувањата на капацитетот и мрежата на Визер, поради проблемите со моторите на авионите од линијата 320 на Ербас. Во јули, Визер го намали својот капацитет на Скопскиот аеродром за 12,4 отсто.

    Минатата година, унгарскиот нискобуџетен превозник во базата во Скопје во летната сезона имаше стационирано пет авиони од типот од типот „А321“, со капацитет од 230 седишта, а оваа година од Скопје се лета само со помалите „А320“ со 180 седишта. Поради проблемите со новата генерација од авионите на „ербас320-321 нео“, годинава во Скопје не беше донесен и уште еден авион, како што претходно беше планирано. Летово „Визер“ во скопската база има пет авиони, а беше планирано да има шест.

    Во јули, од вкупно 296.861 патник, на Визер отпаѓаат 164.182, што претставува удел од 55 отсто.

    Претходно неделава, министерот за транспорт Александар Николоски кажа дека со цел да се намали зависноста од Визер, Владата во иднина ќе субвенционира дестинации, а не како досега авиокомпании.

    „Досега се субвенционираше по патник на заминување од Македонија, а отсега ќе субвенционираме по патник на доаѓање во Македонија. Целта е да носиме луѓе, туристи, на поевтин начин. Второ, ако претходно беше 7 евра по патник на заминување, сега субвенцијата ќе биде 9 евра по патник на доаѓање на Скопскиот аеродром. Ако претходно беше по 4 евра од Охридскиот аеродром, сега со стимулирање на туризмот, ќе биде 12 евра по заминат патник од овој аеродром“, кажа Николоски на прес-конференција во Владата.

    Субвенциите за новите дестинации ќе може да бидат и на линии надвор од ЕУ, зашто досега беа субвенционирани само летови од аеродромите на Европската унија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира