Премиерот Христијан Мицкоски му се заблагодари на поранешниот вицепремиер Фатмир Битиќи на денешната промоција на инвестицијата на германската компанија БМЗ во ТИРЗ Скопје. Станува збор за фабрика за литиум-јонски батерии, вредна 65 милиони евра со максимален обем од 700 вработени.
„Ние како Влада ќе продолжиме да поддржуваме ваков тип на проекти. Еве вчера поранешниот потпретседател на Владата и одговорен за економски прашања, Фатмир Битиќи кажа тој е тој кој ја донел, па еве јас од мое име да му се заблагодарам затоа што процесот го водел до каде што го водел, жалам што не успеал да го заврши до крај“, кажа Мицкоски на одбележување на почетокот на градбата на новата инвестиција.
Сепак, Мицкоски додаде дека оваа Влада морала заедно со инвеститорот да го заврши процесот и рече дека очекува уште многу вакви инвестиции во периодот кој што следи.
Вчера, од СДСМ соопштија дека станува збор за инвестиција договорена уште минатата година со претходната македонска влада.
„Германската компанија, односно инвестицијата за производство на литиумски батерии беше договорена уште во септември минатата година од тогашниот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи“, кажаа од опозициската СДСМ, додавајќи дека договорот бил потпишан во Минхен по седуммесечни преговори.
Поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, вели дека е добро што новата Влада го продолжува она што тие го започнале, „бидејќи овие проекти не се ни мои, ни ваши, ни наши туку единствено на сите граѓани на Македонија.”
Тој потсетува дека во изминатите четири години во ТИРЗ се отворени близу 6.000 нови работни места, што е раст од 40 отсто и двојно се зголемени платите.
„Се погриживме за секое инвестирано евро на годишно ниво на државата да и се враќаат четири, постигнавме инвестициски договори во вкупна вредност од 1 милијарда евра колку што беше постигнато во првите десет години“, вели Деспотовски.