Германската влада објави дека воведува привремени контроли долж целата копнена граница во обид да се справи со илегалната имиграција и да се заштити јавноста од закани како исламистички екстремизам. Контролите ќе почнат на 16 септември и првично ќе бидат на сила шест месеци.
„Ја зајакнуваме внатрешната безбедност и продолжуваме со цврстата борба против илегалната имиграција“, изјави министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.
Германија го заостри својот став кон имиграцијата во изминатите години, а воведувањето на привремените гранични контроли би можело да биде нов тест за европското единство. Таа дели 3.700 километри долга граница со Данска, Холандија, Белгија, Луксембург, Франција, Швајцарија, Австрија, Чешка и Полска и лани воведе построги гранични контроли со некои од нив.