И папата Фрањо се приклучи на Супер боул лудилото и првпат сними видеопорака, којашто ќе им биде прикажана на десетиците илјади навивачи на стадионот во Хјустон на натпреварот меѓу Њу Ингланд пејтриотс и Атланта фалконс.
Портпаролот на Ватикан кажа дека пораката на папата на шпански ќе биде емитувана на огромните екрани на стадионот пред или за време на првата четвртина од финалниот натпревар во американски фудбал, кој се игра рано утринава по македонско време. Според преводот, обезбеден од Ватикан, пораката на папата ја вклучува неговата желба дека Супер боул ќе придонесе за „мир, пријателство и солидарност во светот“.
„Големите спортски настани како Супер боул носат голема симболика, покажувајќи дека е можно да се изгради култура на здружување и мир во светот. Со учество во спорт, ние сме способни да го надминеме самоинтересот и на здрав начин да научиме да се жртвуваме, научиме за лојалност и да ги почитуваме правилата“, вели Фрањо.
Папата е голем спортски фан, кој често зборува како спортот може да донесе промени во општеството.