Германија денеска почна да спроведува случајни контроли на своите граници со пет западни земји во обид да ја спречи нелегалната имиграција, проширувајќи го системот на контроли што веќе постоеше на четири други граници.
Германската полиција започна да контролира на границите со Франција, Холандија, Белгија, Луксембург и Данска, што ќе трае најмалку шест месеци. Вакви контроли веќе се спроведуваат од лани на границите со Полска, Чешка, Австрија и Швајцарија.
Германија минатата недела објави дека ќе воведе контроли долж целата своја копнена граница, што претствува тест на европското единство и оддалечување од зоната на слободно патување во Европска Унија. Според правилата на ЕУ, земјите-членки имаат право да воведат привремени контроли на внатрешните граници во случај на сериозни закани за внатрешната безбедност.
Владата на Олаф Шолц сака да ја намали илегалната имиграција откако крајната десница оствари одлични резултати на последните регионални избори во две германски покраини, кои в недела се одржуваат и во Бранденбург. Во изминатите месеци во Германија имаше неколку напади со нож изведени од баратели на азил, во кои загинаа четири лица.