ДВЕ ДЕЦА МЕЃУ 12-ТЕ ЖРТВИ НА ЕКСПЛОЗИИТЕ НА ПЕЈЏЕРИ ВО ЛИБАН, 2.000 РАНЕТИ И НАТАМУ СЕ ВО БОЛНИЦА

    ДВЕ ДЕЦА МЕЃУ 12-ТЕ ЖРТВИ НА ЕКСПЛОЗИИТЕ НА ПЕЈЏЕРИ ВО ЛИБАН, 2.000 РАНЕТИ И НАТАМУ СЕ ВО БОЛНИЦАРоднини тагуваат по 10-годишната Фатима Абдала, која загина во нападот (Фото: Гети)

    Две деца загинаа во вчерашните експлозии на пејџери во Либан, објави министерот за здравство Фирас Абијад, додавајќи дека вкупниот број жртви пораснал на 12.

    Околу 3.000 луѓе се повредени во бранот експлозии што го погоди Либан, чија главна мета биле борци на Хезболах, кои од почетокот на оваа година користат пејџери како средство за комуникација. Досега никој не ја презеде одговорноста за нападот, но Хезболах и либанската влада го обвинија Израел. Експлозии на пејџери се регистрирани и во Сирија, каде што се повредени 14 луѓе.

    „Околу 10% од повредените се во критична состојба. Повеќе од 2.000 ранети и натаму се во болница“, кажа министерот Абијад.

    Извори од либанската безбедносна служба кажаа дека израелската шпионска агенција Мосад поставила експлозив во 5.000 пејџери наменети за Хезболах неколку месеци пред вчерашните детонации. Пејџерите биле произведени од фирма со седиште во Будимпешта.

    Израелската војска досега не излезе со коментар за инцидентот што Либан го опиша како груб напад врз суверенитетот на земјата и најави дека ќе поднесе жалба во Советот за безбедност на Обединетите нации.

    „САД не знаеле, ниту на кој било начин се вмешани во она што се случи во Либан и Сирија. Важно е да се избегнат чекори кои би довеле до ескалација на конфликтот на Блиски Исток“, изјави државниот секретар Ентони Блинкен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира