Едуардо Гонсалес, кандидатот на опозицијата на претседателските избори во Венецуела во јули, изјави дека бил принуден да го признае Николас Мадуро за победник пред да му биде дозволено да замине во азил во Шпанија.
Тој објави видеопорака, во која кажа дека соработниците на Мадуро го принудиле да потпише писмо во почетокот на овој месец додека се криеше во шпанската амбасада во Каракас. Хорхе Родригес, претседателот на Националното собрание на Венецуела, тврди дека Гонсалес доброволно го потпишал писмото.
Набргу по изборите, националната изборна комисија го прогласи Мадуро за победник без да ги објави официјалните резултати. Ова беше оспорено од опозицијата, која тврдеше дека има докази дека Гонсалес убедливо го победил Мадуро.
„Соработниците на Мадуро ми го донесоа писмото и ми кажаа или ќе го потпишам или ќе сносам последици. Тоа беа многу тенични часови на принуда, уцена и притисоци. Во тој момент сфатив дека многу повеќе можам да направам како слободен човек отколку да сум во затвор. Потпишаното писмо е безвредно“, кажа Гонсалес.
Тој се опиша себеси како претседател избран од милиони и милиони Венецуелци кои гласале за промена, демократија и мир, додавајќи дека ќе го одработи својот мандат.
Презентирајќи го писмото, Родригес го повика Гонсалес да ги повлече своите тврдења во рок од 24 часа.
Пред да му биде дозволено да ја напушти земјата, беше издаден налог за апсење на Гонсалес, при што беше обвинет за заговор и фалсификување документи.