Бугарија и Норвешка станаа нови централни точки во глобалната потрага по снабдувачот на Хезболах со илјадници пејџери кои експлодираа оваа недела, што ѝ нанесе сериозен удар на групата. Израел директно не ја презеде одговорноста за овие напади, но безбедносни извори велат дека тие биле организирани од израелската шпионска агенција Мосад.
Како и со чија помош нападот бил изведен засега не е познато, но можни траги водат кон Тајван, Унгарија и Бугарија. Истите прашања останаа и откако следниот ден експлодираа стотици токи-вокија на Хезболах.
Бугарските власти вчера кажаа дека министерството за внатрешни работи и државните безбедносни служби отвориле истрага за можни врски со една компанија, чие име не беше соопштено. Локалните медиуми објавија дека компанијата „Норта глобал“ со седиште во Софија продавала пејџери на Хезболах, при што во Унгарија преку Бугарија биле испратени 1,6 милиони евра поврзани со оваа трансакција. Основачот на фирмата кој живее во Норвешка одби да го коментира ова.
Снимките од уништените пејџери покажуваат дека тие одговараат на модел на тајванската компанија „Голд Аполо“, но оттаму веднаш кажаа дека унгарската компанија „БАЦ“ имала овластување да ги произведува. Сопственичката на „БАЦ“, Кристијана Баршоњи-Аркидијаконо, кажа дека нејзината компанија нема ништо со производството на пејџерите, туку е само посредник.
Унгарскиот сајт „Телекс“ објави дека продажбата била помогната од „Норта глобал“, чие бугарско седиште е регистрирано во станбена зграда во Софија, која е дом на 200 други компании. Основачот на „Норта“, Ринсон Хозе, живее во Норвешка.
„Започнавме првична истрага за информациите кои излегоа на виделина“, објави полицијата на Осло.