Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА) објави повик за регрутирање доушници во Кина, Иран и Северна Кореја. Агенцијата објави пораки на социјалните мрежи на мандарински, корејски и фарси јазик, оставајќи инструкции како да се контактира безбедно.
Во пресрет на војната во Украина, ЦИА распишала ваков оглас и за Русија, за кој кажа дека бил успешен.
„Сакаме да им дадеме на знаење на поединците во другите авторитарни режими дека сме отворени за работа“, изјави портпарол на ЦИА.
Пораките за регрутација се објавени на Икс, Фејсбук, Јутјуб, Телеграм и Линкедин, како и на темната мрежа, при што од заинтересираните се бараат име, локација и детали за контакт.
„Не се сеќавам дека досега имало ваков повик за регрутација, со користење на Јутјуб и социјалните мрежи, барем не на корејски. Се чини дека го базираат ова на успехот што го имаа во Русија, но се прашувам колку ќе биде ефективно имајќи предвид дека многумина Севернокорејци немаат пристап до интернет“, вели Мејсон Ричи, професор по меѓународна политика на Универзитетот Ханкук во Сеул.
САД ги сметаат Кина, Иран и Северна Кореја за тешки мети кога станува збор за собирање разузнавачки информации зашто во овие земји постои строго ниво на надзор.
„Има мноштво луѓе во Кина кои имаат пристап до информации, а не се задоволни од режимот на Шји“, изјави заменик-директорот на ЦИА, Дејвид Коен.