Големи експлозии се регистрирани близу меѓународниот аеродром во Бејрут во уште една ноќ на израелски напади врз Хезболах. Извор од Хезболах изјави дека Израел извел 11 последователни напади врз упориштата на групата во градот, вклучувајќи ја населбата Дахиех, која се граничи со аеродромот.
Повикувајќи се на израелски функционер, американските медиуми објавија дека мета на нападот бил Хашем Сафиедин, веројатниот наследник на убиениот Хасан Насралах на челото на Хезболах. Нападот бил извршен додека имало состанок на високи заповедници на групата, но засега не е јасно дали бил успешен.
Снимки од нападот покажуваат големи пламени топки како се издигнуваат од местата што биле погодени. Портпаролот на израелската војска Авичај Адрае претходно издаде итно предупредување за евакуација на жителите од две населби во јужен Бејрут.
Сафиедин го води извршниот совет на Хезболах, тело кое ги носи највисоките политички одлуки и пред смртта на Насралах важеше за човек број два во политичкото крило на организацијата.