ФИЛХАРМОНИЈАТА ЈА ОТВОРА СЕЗОНАТА СО ОПЕРСКАТА ПЕЈАЧКА АНА ДУРЛОВСКИ И ДЕЛА ОД КОРНГОЛД, ЧАЈКОВСКИ И СВЕТИЕВ

    ФИЛХАРМОНИЈАТА ЈА ОТВОРА СЕЗОНАТА СО ОПЕРСКАТА ПЕЈАЧКА АНА ДУРЛОВСКИ И ДЕЛА ОД КОРНГОЛД, ЧАЈКОВСКИ И СВЕТИЕВОперската пејачка Ана Дурловски, диригентот Јерухам Шаровски и в. д. директорот на Филхармонијата, Александар Котевски на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

    „Го славиме јубилејот“ е насловен концертот со кој в четврток ќе се отвори новата сезона на Филхармонијата, под диригенство на шеф-диригентот Јерухам Шаровски од Израел, со оперската пејачка Ана Дурловски како солистка.

    На програмата се „Шест едноставни песни“ за сопран и оркестар и соло песна на Мариета од операта „Мртвиот град“ од Ерих Корнголд, симфонијата во четири сцени „Манфред“ од Петар Илич Чајковски и ќе има светска премиера на симфониската поема „Јубилејна фантазија“ од македонскиот композитор Борис Светиев.

    „Подготвивме возбудлива програма која на најдобар начин ќе ја најави нашата сезона во која ќе прославиме 80 години од формирањето како најстара институција во земјата. Целата сезона е внимателно подготвена, ќе настапат најдобрите македонски, но и странски солисти и диргенти, ќе прозвучат капитални дела, но и дела на домашни автори “, рече в. д. директорот на Филхармонијата  Александар Котевски на денешната прес-конференција.

    Маестро Шаровски соработува со Филхармонијата од 2003 и рече дека со Оркестарот има посебна врска.

    „Секогаш сум среќен кога доаѓам тука на концерти, зошто имаме одличен флуид и енергија додека ја подготвуваме програмата. Имате навистина посебен оркестар, посветени музичари кои имаат пасија и посебна искра која може да ја чувствува и публиката. Сум работел во многу врвни оперски пејачки, но, Ана, дефинитивно е меѓу најдобрите оперски пејачки“, кажа Шаровски.

    Ана Дурловски кажа дека со Филхармонијата ѝ се врзани почетоците, првиот настап со оркестар го имала токму со Филхармонијата.

    „За оваа пригода одбравме специфична и интимна програма со дело во кое музички е илустриран најубавиот момент на смрт и разделба. На концертот ќе прозвучат четири песни од циклусот ‘Шест едноставни песни’ од Корноголд, кои, мене лично ми се омилени парчиња од оперската литература“, рече Дурловски.

    На концертот премиерно ќе се изведе и симфониската поема „Јубилејна фантазија“ на Борис Светиев, една од композициите која помина на Конкурсот за откуп на дела од македонски автори, а кој институцијата го распиша годинава.

    „Новата сезона е насловена ‘Одисеја’, а симболиката на насловот се надоврзува на осумдесетте години активно музицирање на оркестарот и преку поднасловот – патување исполнето со музички авантури и предизвици“, вели Котевски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира