Десетици илјади жители од неколку општини во Тиквешко се во дилема дали да ја пијат водата од регионалниот водовод Лукар, бидејќи таа вчера имаше жолтеникава боја. Сомнежи има и денеска, откако подрачната единица на Центарот за јавно здравје од Кавадарци информираше дека водата е исправна за пиење, а претставници на неготинското комунално претпријатие соопштија водата задолжително да се преврива пред употреба.
„Водата која ја пијат граѓаните на Кавадарци, Неготино и Росоман од системот за водоснабдување „Лукар“ е здрава и исправна за пиење. Појавата на жолтеникава боја во водата во текот на вчерашниот ден не е опасна и истата е бактериолошки исправна за пиење“, рече доктор Трајче Ризов, раководител на Центарот за јавно здравје Кавадарци.
Состојбата според него се следела и вчера и денеска и ниту во еден момент не се појавило сомнение за неисправност на водата.
„За секој случај зголемен е процентот на хлорирање на водата. Без разлика на тоа состојбата со исправноста и потребните испитувања и понатаму се следат и ке се прават, со цел да бидат отстранети сите евентуални сомневања“, нагласи Ризов.
Неготински комуналци пак утринава информираа дека е дојдено до заматување на водата и таа пред пиење треба задолжително да се преврива. Заматувањето според нив е резултат на врнежите од дожд изминативе денови и од топењето на снегот.
Оттаму нагласија дека покрај хлорирањето кое се врши редовно, сепак до наредното известување, водата треба задолжително да се преврива пред употреба.