Обединетите нации кажаа дека нивните мировници во јужен Либан ќе останат на своите позиции, и покрај постојаните барања на Израел да си заминат. Шефот на мисијата УНИФИЛ Жан-Пјер Лакроа изјави дека ваквата одлука добила целосна поддршка и од Советот за безбедност на ОН и од државите кои имаат свои припадници во мировните сили, меѓу кои е и Македонија.
Во неделата, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги повика мировните сили да заминат од своите бази во јужен Либан, за кои кажа дека служат како човечки штит за борците на Хезболах.
„Од суштинско значење е сините шлемови да останат на своите позиции, да го спроведуваат мандатот што им е даден од Советот за безбедност и да му помагаат на цивилното население“, изјави Лакроа.
Израел ги обвини Обединетите нации дека не успеале да го спречат Хезболах да гради тунели и да стационира оружје близу границата, што било кршење на договорот со кој беше завршена последната војна пред 18 години. ОН кажаа дека УНИФИЛ нема обврска да го спроведува овој договор, туку да им помага на страните во конфликтот.
Петмина мировници беа ранети минатата недела откако израелската војска пукаше кон бази на ОН во јужен Либан.