СЛЕДНАТА АКАДЕМСКА ГОДИНА СТУДЕНТИТЕ ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО РЕНОВИРАНИТЕ ДОМОВИ ВО СКОПЈЕ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА

    СЛЕДНАТА АКАДЕМСКА ГОДИНА СТУДЕНТИТЕ ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО РЕНОВИРАНИТЕ ДОМОВИ ВО СКОПЈЕ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКАРеконструкцијата на „Кузман Јосифовски-Питу“ почна во април. (Фото: МОН)

    Следната академска година студентите би требало да бидат сместени во реновираните студентски домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

    Реконструкцијата на „Кузман Јосифовски-Питу“ почна во април, согласно договорот што на 29 декември 2023 Владата го потпиша со австриската компанија „Штрабаг“ како најповолен понудувач на меѓународниот тендер. Неодамна почна и реконструкцијата на „Стив Наумов“.

    Јаневска кажа дека за 18 месеци од почетокот на реконструкциите двата дома ќе станат современи, со подобрена одржливост, енергетски ефикасни што ќе придонесе за почиста животна средина и за финансиски заштеди.

    „За четири години сите државни студентски домови ќе станат модерни и енергетски ефикасни. Условите во државните студентски домови се стар предизвик што, веројатно поради габаритноста на објектите и сложеноста на зафатот што требало одамна да се реализира, никој не се нафатил да го реши“, кажа Јаневска на денешната прес-конференција со раководителот на Германската развојна банка (KfW) за Југоисточна Европа Клаус Милер, претставникот на Делегацијата на Европската Унија, Стефан Худолин и германскиот заменик амбасадор Јан-Аксел Вос.

    „ Целосно ја менуваме внатрешноста, инсталациите, столаријата, фасадата, поставуваме фотоволтаици и еко системи за греење“, рече Јаневска, додавајќи дека паралелно течат подготовките за отпочнување на реконструкцијата и на други седум студентски домови.

    За проектот за реконструкција на државните студентски домови досега се обезбедени средства во износ од 25 милиони евра, од кои 20 преку кредитна линија на Германската развојна банка и речиси 5 милиони евра неповратен грант од Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира