На одбележувањето на Меѓународниот ден на руралните жени што се одржа во Битола, претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова рече дека се потребни законски измени, за да се најде начин жените кои се занимаваат со земјоделство да добијат законско право на надомест за породилно отсуство.
„Без жени земјоделки нема деца, нема храна, а обете се од најголемо стратешко значење за оваа држава. Руралните жени се соочени со бројни проблеми и предизвици поголеми од оние на урбаните жени. Дискриминацијата е системска, се надевам дека ќе се зголемат инвестициите во земјоделството. Правото на здравствена заштита и надомест за време на породилното отсуство се човекови права и апсолутно се потребни измени и во Законот за работни односи и Законот за здравствено осигурување, час поскоро. Нема пратеник и пратеничка кои би биле против тоа. Шокантен е и податокот дека само 5 проценти од жените поседуваат имот. Тоа е нешто што треба да нè вознемири, зашто очигледно е резултат на патријархално и парохијално општество“, рече Сиљановска-Давкова.
Отуството за мајчинство за земјоделките за првпат е регулирано преку пилот-проект за период од 1.12 .2023 до 1.12 2024 година, што е времено решение.
„Министерството преку Програмата за поддршка на социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност за 2024 година овозможи користење на надоместок за мајчинство за време на спречено вршење земјоделскста дејност поради раѓање. Надоместокот не е опфатен со прописите за работните односи. Поддршката изнесува 100.000 денари за 9 месеци на жена“, рече министерот за земјоделство Цветан Трупуновски.
Васка Мојсовска, претседателка на Национална федерација на фармери, рече дека руралната жена во Македонија се соочува со бројни проблеми, поради што голем дел од младите жени се иселуваат во странство.
„Жените се соочуваат со социјална исклученост, дискриминација, лишување од правото на имот, нееднаква распределба на имотите, немо покорување на традиционалните непишани правила, невработеност, недоволен пристап до здравствени и културни установи. Немаат превоз, во селата фали патна и друга инфраструктура, недостаток на градинки во руралните места, па децата ги носат со себе на нива. Поради сето ова, миграцијата во последните години е зачестена и тоа не од село во град, туку од село во друга држава“, рече Мојсовска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА