Премиерот Христијан Мицкоски вели дека има дилема дали да го пишува писмото до ЕУ со предлози како да продолжат пристапните преговори, по средбите кои што ги имал на самитот на Берлинскиот процес во Берлин изминатите два дена. Тој вели дека таму лично ги запознал сите со содржината на писмото, но, како што кажа, не сака да открива детали во интерес на очекувањата кои што ги има во иднина како ќе се развиваат работите.
„Морам да признаам дека имавме исклучително квалитетна посета во Берлин. Имавме посета која што ме направи поголем оптимист отколку што бев пред посетата. Во интерес на разговорите и во интерес на очекувањата кои што ги имам во иднина како ќе се развиваат работите, не би сакал јавно да споделувам детали, но сум многу поголем оптимист отколку што бев пред да се случат средбите на самитот на Берлинскиот процес. По посетата, имам лична дилема, бидејќи таму имав можност сите да ги запознаам со најголемиот дел од содржината на писмото. Имам лична дилема дали треба да го испратам. Имајќи предвид дека претседателката на комисијата (Урсула фон дер Лајен) доаѓа на 24-ти, имав можност во Берлин да разговарам и со канцеларот Шолц. Имав исто неофицијална средба, многу пријателска и содржајна, со новоизбраниот министер за Европа на Франција, кој дојде со лична порака од претседателот Макрон. Имам лична дилема дали треба да го пишувам, бидејќи веќе со позициите и со содржината сите тие лично од мене беа запознаени, а претходно и некои други високи претставници на ЕУ“, кажа Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Потоа, тој додаде дека сè уште нема донесено конечна одлука околу писмото и смета дека писмото „може да нè дефокусира од тоа што беше разговарано во Берлин“.
Ден пред заминувањето во Берлин, Мицкоски рече дека писмото е во подготовка и дека таму ќе разговара со европските политичари пред да го испрати, бидејќи сака да има јасна слика „за тоа до каде можеме и што можеме да направиме“.
Исто така во Берлин, по вчерашната средба со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок рече дека сè додека во ЕУ се одлучува едногласно, Македонија нема да може да ги почне пристапните преговори без уставни измени.