Претседателката Гордана Силјановска-Давкова потпишала намалување на казната на ексградоначалникот на Битола Владимир Талески, осуден на 7 години за вршење организиран криминал со превозот на ученици од Битола. Информацијата ја објави ТВ21 и за оваа одлука на Силјановска-Давкова нема официјално соопштение.
Затоа, не се знае ни кога излегува од затвор, дали веднаш, веќе е дома, или треба уште малку да одлежи.
Членови на комисијата за помилување кај претседателката Силјановска-Давкова се: д-р Методија Каневчев (претседател), проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри- Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева-Ивановска и Ајтен Шаќири.
САКАМДАКАЖАМ.МК му пиша вечерва на министерот за правда Игор Филков дали Кабинетот на Силјановска-Давкова го известил за одлуката, со оглед на тоа дека по поднесено барање за помилување на осудено лице, доставата на целокупната документација до претседателскиот кабинет, оди преку Министерството за правда. По повеќе од еден час, неговиот кабинет ни одговори дека во текот на денот бил информиран од претседателката за одлуката да го помилува Талески.
„Транспортер“ беше еден од најголемите предмети за финансиски малверзации, во Одделот за организиран криминал и корупција во Кривичниот суд во Скопје. За злоупотреба на службената положба и овластувањата со бесплатниот ученички превоз, Талески правосилно беше осуден дури во 2022 година. За трите години додека беше во куќен притвор, земаше редовна плата од Битолскиот театар, како да е на работа.
По 2 години ефективен затвор, му останале уште 2, по што биле направени комбинации за намалувањето.
С. К. ДЕЛЕВСКА