ЛИЧНОСТИТЕ ЗА КОИ ПОТПИШАВ ПОМИЛУВАЊЕ СЕ ИНТЕРЕСНИ ВО НЕГАТИВНА СМИСЛА, НО ЈАС ИМАМ ДОВЕРБА ВО ПРОЦЕНКАТА НА КОМИСИЈАТА ШТО ЈА ИЗБРАВ, КАЖА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ЗА ПОМИЛУВАЊЕТО ОПАСНИ ЛИЦА ОД ПОДЗЕМЈЕТО

    ЛИЧНОСТИТЕ ЗА КОИ ПОТПИШАВ ПОМИЛУВАЊЕ СЕ ИНТЕРЕСНИ ВО НЕГАТИВНА СМИСЛА, НО ЈАС ИМАМ ДОВЕРБА ВО ПРОЦЕНКАТА НА КОМИСИЈАТА ШТО ЈА ИЗБРАВ, КАЖА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ЗА ПОМИЛУВАЊЕТО ОПАСНИ ЛИЦА ОД ПОДЗЕМЈЕТОДа било делото членство во злосторнички здруженија, веројатно поинаку би било, рече Силјановска-Давкова за помилувањето на осомничени наркобосови. (Фото: Влада на РСМ)

    Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека помилуваните личности се навистина интересни во негативна смисла на зборот и оти како што сега видела, тоа е факт. Вчера, претседателката донесе одлука за помилување на десет осудени лица, при што на тројца казната затвор им се заменува со условна казна, а седум делумно се ослободуваат од издржување на останатиот дел од казните.

    Меѓу помилуваните се поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески осуден на 7 години затвор за злоупотреба на службената положба со бесплатниот ученички превоз, потоа Шенол Маслани уапсен во голема полициска акција кога полицијата заплени пушки, пиштоли, луксузни автомобили, пари и дрога, Акиф Равманоски – член на наркокланот „Барон“, и Марјан Ефремов, првообвинет во аферата „Шпион“.

    „Околу помилувањата прво, јас кога ја конституирав Комисијата за помилување која е составена од врвни експерти во оваа област и познавачи, реков дека ќе ја почитувам нивната работа. Мислам дека кога се даваат коментари се заборава на што. Значи, вие делото го анализирате така? Пред сè делото. Кога се работи, јас веќе и имињата не ги знам да бидам искрена, меѓутоа кога јас ги потпишав овие одлуки, по што се водев? Се водев од тоа дека во првиот случај, пресудата е 1 година и 3 месеци и делото се однесува на поседување неовластено поседување на оружје и на 5 куршуми. Тоа е делото. Веројатно тие се воделе по ова. Да, знам која е таа личност, но јас зборувам за работата на Комисијата. Кај вториот случај, се работи за дело кое е врзано со насилство или на некоја наплатна станица некоја тепачка и казната за него е 6 месеци. Кај првата е година и три месеци, значи кога ги замениле овие казни со условна од три години, да личностите се навистина интересни во негативна смисла на зборот тоа е факт сега гледам јас тоа, но јас велам дека тие се воделе од конкретните дела“, изјави денеска претседателката на државата за ТВ21 по свечената академија по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

    Членови на комисијата за помилување кај претседателката Силјановска-Давкова се: д-р Методија Каневчев (претседател), проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри- Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева-Ивановска и Ајтен Шаќири.

    Претседателката денеска кажа и дека претпоставува оти има начин да се санкционира, но не кажа што.

    „Да било делото членство во злосторнички здруженија, веројатно поинаку би било. Значи, јас почитувам знаење, јас потпишувам одлуки, меѓутоа јас велам дека никогаш директно нема да се мешам во работата на Комисијата. Точно е дека го имам последниот збор но мора да се има ова предвид“, рече Силјановска-Давкова.

    Акиф Равманоски, познат и како Акиф Јусуфи, бил осуден за поседување нелегално оружје, а е дел од истрагата како осомничен за вооружен напад на скопјанец од пред осум дена, додека сè уште бил затвореник во „Идризово“. Неговата затворска казна е заменета со условна осуда. Со условна осуда е заменета и затворската казна на Шенол Маслани, кој во 2019 година беше уапсен во акција на полицијата како дел од група, која наводно му се заканувала на полициски службеник и пуштала во продажба наркотични дроги, но тогаш не му беше поднесена кривична пријава.

    Со условна осуда му е заменета и затворската казна на охриѓанецот Никола Трпчески. Според одлуката објавена вчера во „Службен весник“, делумно ослободен од понатамошното издржување на затворската казна е ексградоначалникот Талевски, исто како и Мухарем Али од Скопје, Тодор Попов од Миравци, Томислав Симеонов од Скопје, Перо Кузмановски од Градско, Живко Делиџаков од Богородица, и Марјан Ефремов од Скопје, првообвинет во аферата „Шпион“.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира