ЕТНОЛОШКОТО БОГАТСТВО ОД РЕГИОНОТ НА АЗОТ СЕ СМЕСТИ ВО СПОМЕН-КУЌАТА НА ПЕТАР ПОП АРСОВ ВО БОГОМИЛА

    ЕТНОЛОШКОТО БОГАТСТВО ОД РЕГИОНОТ НА АЗОТ СЕ СМЕСТИ ВО СПОМЕН-КУЌАТА НА ПЕТАР ПОП АРСОВ ВО БОГОМИЛАСите изложени предмети потекнуваат од регионот на Азот. (Фото: СДК.МК)

    Во Спомен-куќата на Петар Поп Арсов во Богомила поставена е Етнолошка збирка, која содржи околу стотина предмети, сите исклучиво од регионот на Азот. Поставката е дело на Драгица Чекорова, етнолог во Музеј на Град Неготино.

    „Поставката е празник за очи за секој кој го сака традиционалното, етнолошкото богатство. Сите изложени предмети потекнуваат од регионот на Азот. Има покуќнина изработена од дрво, бакар, стакло, текстил. Има народна облека, не носии, туку руво кое го носеле селаните.  Сите овие предмети ја отсликуваат материјалната, духовната култура на населението од тој крај. Ова е чисто етнолошка претстава на луѓето и нивниот живот во не така дамно минато време“, вели етнологот Чекорова.

    Во поставката има покуќнина изработена од дрво, бакар, стакло, текстил. (Фото: СДК.МК)

    Сите предмети се поставени во три простории, меѓусебно поврзани, отворени една кон друга.

    Во една просторија се полјоделски предмети користени во земјоделието, а кујнските предмети и покуќнината од домаќинството  се во друга просторија.

    „Со ова поставка направивме ред, да може посетителот да ги следи изложените предмети. Целокупната поставка претставува добра етнолошка целина“,  вели Чекорова.

    Сите овие предмети беа дел од етно поставката во Спомен-собата во селото Бистрица, собрани од Гоце Станчев и граѓанското здружение Азбој. Откако тие мораа да го напуштат просторот, локалната власт ги смести во Богомила во Спомен-куќата на Петар Поп Арсов, еден од основачите на Македонската револуционерна организација во 1893 година во Солун.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира