„СТРУГА“ ЌЕ СТАНЕ ЖЕНСКИ ЗАТВОР, ОСУДЕНИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ СО ЛЕСНИ КАЗНИ ЌЕ СЕ ПРЕМЕСТУВААТ ВО ДРУГА КАЗНЕНО-ПОПРАВНА УСТАНОВА, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ФИЛКОВ

    „СТРУГА“ ЌЕ СТАНЕ ЖЕНСКИ ЗАТВОР, ОСУДЕНИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ СО ЛЕСНИ КАЗНИ ЌЕ СЕ ПРЕМЕСТУВААТ ВО ДРУГА КАЗНЕНО-ПОПРАВНА УСТАНОВА, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ФИЛКОВМоментално во затворот „Струга“ имаме капацитет до 60 осудени лица, а би можеле да имаме до 70 или 80 ако направиме некои интервенции, кажа Филков (Фото:С. Вренцовска)

    Отворaње на женски затвор во Струга во зградата на веќе постоечкиот, најави министерот за правда Игор Филков кој денеска беше во работна посета на овој казнено-поправен дом (КПД) од отворен и полуотворен вид, за да ја види состојбата и капацитетот на затворот.

    „Многу работи би се преадаптирале и цело женско одделение од Идризово би се префрлило тука. Како идеја почнавме да ја зборуваме пред некое време и се надеваме дека ќе наидеме на поддршка од сите партнери и ќе може набрзо да ја реализираме“, кажа Филков.

    Министерот рече дека затворениците кои се моментално на издржување на казна во КПД Струга ќе бидат преместени во друг затвор. Ќе следи подготовка на идеен проект по што ќе се знае колку средства се потребни за пренамена на зградата.

    Директорот на затворот во Струга, Ардит Мустафаи рече дека установата има доволно капацитет за реализација на ваквата идеја но сепак е потребна интервенција во реновирање и политичка волја за измена на законот.

    „Моментално имаме капацитет до 60 осудени лица, а би можеле да имаме до 70 или 80 ако направиме некои интервенции. Ова ќе биде добро за Струга. Местоположбата моментално е во близина на градот и ќе им се дава можност на жените да ги искористат сите погодности, да работат во градот со цел истите да бидат ресоцијализирани“, рече Мустафаи.

    Според него потребни се поголеми финансиски средства оти моменталната поддршка која ја добиваат не е доволна за реализација на ваквата идеја.

    Филков оцени дека во ниту еден затвор во државата состојбите не се сјајни.

    „Каде и да одиме го гледаме истото. Не е вложувано со децении“, рече министерот за правда.

    Во врска со последните случувања со помилувањата на десетте осудени лица Филков рече дека Министерството за правда не помилува туку дава препорака за намалување на казната од 1 до 6 месеци.

    „Потоа таа препорака оди кај претседателката односно кај комисијата. Ние имаме еден член и да бидеме на чисто, тој нема право на глас односно не гласа. Поради сите случувања во изминатите 24 часа институтот помилување е многу битна работа во државата и не смееме да дозволиме да биде предмет на дневно-политички игри и препукувања, а нас тоа ни се случува. Еднаш веќе осудени лица треба да ги упатиме на ресоцијализација. Не можеме повторно да ги судиме во јавноста“, рече Филков.

    Тој смета дека е време, како што рече, да дојде до освежување во Комисијата за помилување.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира